Од првичните 72 милиони евра предвидени за изградба на новиот клинички центар, сумата се покачи на 128 , за да стигне до 500 милиони без проект и конечна финансиска конструкција.
За изградба на новиот клинички центар во општина Ѓорче Петров ќе биде земен кредит од 500 милиони евра од банкарски конзорциум кој го сочинуваат три банки, Erste group, Raifaisen bank и UniCredit, но од владата не откриваат колку е каматата, за колку години ќе треба да го вратиме, колку вкупно пари ќе се вратат, како и колку ќе бидат дополнителните буџетски вложувања за патишта и комунални приклучоци.
Опозицијата предупредува дека не е сеедно дали кредитот за новиот клинички центар ќе се земе од комерцијални или од развојни банки. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека се подготвува најголемиот грабеж во историјат ана независна Македонија, од власта пак велат ова е историски најголема инвестиција во здравството.
„Внимавајте, не пред Европската банка за обнова и развој, туку во комерцијална банка, по комерцијални услови, во банка која се интересира само за профит. Не сака Зоран Заев некоја институција како Развојна банка на ЕУ да го контролира процесот, како се трошат парите од заемот. Тој сака да ги троши без контрола, колку и да е повисока каматата“, вели Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ .
Станува збор за најголема гринфилд инвестиција во македонското здравство. По повеќе од 80 години, Скопје добива нов, модерен клинички центар. Според информациите на Министерството за здравство во наредниот период ќе биде распишан тендер во кој во пакет ќе бидат вклучени проектот, изградбата, опремата и обуката на персоналот, изјави Влатко Цветковски од СДСМ.
Клиничкиот центар ќе се гради на земјиште од 30 хектари, вкупната површина на центарот ќе биде 105 илјади квадратни метри и ќе се одвива во три фази, а целосно се очекува да биде завршен за 7 години.
Comments are closed for this post.