Од денеска стапи во сила целосна забрана за движење во шума во атарот на Осоговските Планини, како дел од превентивните активности за заштита од пожари.

Соопштението за забраната дојде во истиот период по локализирањето на големиот шумски пожар во кој изгореа околу 150 хектари борова и друг вид шума во кочанскиот дел на Осоговијата.

Граѓаните треба да ја почитуваат забраната за неовластено движење во шумите, со оглед што станува збор за законска одредба, а нејзиното прекршување може да им донесе високи казни. Последиците од човечкиот фактор и неговото дејствување се веќе видливи во осоговскиот регион каде од пожарот пред еден ден е нанесена непроценлива штета, поради што законските мерки против неовластениот престој во шума ќе се спроведуваат ригорозно, истакна Владо Јефтимов од Територијалната противпожарна единица од Кочани.

Кочанските пожарникари информираа дека за една недела интервенирале дури шест пати во гаснење на шумски пожари во планинскиот регион и во сите случаи проценките дека станува збор за намерно потпалување.

Во известувањето до јавноста тие потсетија дека казните за непочитување на забраната за движење во шума и шумско земјиште за граѓаните изнесува од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.