Министерот за здравство Венко Филипче во денешното гостување во вестите на телевизија „Телма“ изјави дека датум за избори ќе има само кога Комисијата за заразни болести ќе го одобри тоа.

– Никогаш досега, ниту еден настан, ниту пак изборниот процес кој беше на почетокот на оваа криза закажан, не беше предмет на дискусија, ниту пак беше нешто врз основа на што ние ги темелевме препораките. Се што се предложи од Министерството и Владата, сите мерки беа димензионирани на прво место да биде здравјето на граѓаните. Во таа смисла, истиот терк на работа ќе продолжи и понатаму, истакна Филипче.

Нагласи дека и идните предлози ќе бидат носени врз основа на стручни аргументи, анализа на бројот на пациенти, на новодијагностицирани, на бројот на пациенти кои ги има во болниците и на домашно лекување.

Според него, мерките се добро димензионирани за што показател е тоа што сега секој ден има се помалку дијагностицирани пациенти, се помалку пациенти кои се лекуваат и повеќе излекувани отколку активни случаи.

– Тоа значи дека мерките беа добро димензионирани и добро испланирани, кои се темелеа на медицински аргументи, на епидемиолошката наука. Врз основа на ова, предлозите ќе продолжат да се даваат и понатаму, порача Филипче