Двете масовни убиства во училиштето Владислав Рибникар во Белград и двете села во близина на Младеновац во кои животот го изгубија 18 лица, ги размрда македонските власти да размислуваат за поригорозни мерки за зголемување на безбедноста во училиштата и јавните површини. Во некои од училиштата се оддржаа вонредни родителски средби на кои се разговарало што да преземат родителите дома, а што ќе преземат училиштата и надлежните иституции. Една од мерките која беше најавена е дека децата од поголемите одделенија ќе бидат претресувани од страна на полиција. Се отвори дилема кај родителите колку ваквата мерка е оправдана, односно колку е позитивна, а колку е негативна. Побаравме одговор од стручни лица, разговаравме со Ивана Станковска, м-р по клиничка психологија.

Ја прашавме како психолог како ја коментира оваа мерка, дали ќе остави последици кај некои од децата, особено помалите кога би гледале претресување од полиција пред училиштето, дали можеби ќе се роди желба за подметнување кај деца, желба да се надитри полицијата, анализира „Република“

Оваа идеја ми остава впечаток на фаст фуд решение. Брза е, лесна е, примамлива и крајно нездрава. Доколку сакаме животот да си го отежниме, ќе бираме лесни, фаст фуд решенија за било кој проблем. Доколку сакаме животот да си го олесниме, ќе бираме суштински, долготрајни и можеби потешки стратегии. Зашто велам потешки, затоа што ќе бараат поголема ангажираност, промисленост и поголемо учество од сите засегнати страни во образовниот систем (стручна служба, наставници, родители, институции), отколку само полиција која ќе ги третира децата како криминалци. Зашто е погрешно како мерка за безбедност да се третираат децата како криминалци, излишно е да се образложува – вели магистар Станковска.

Наспроти фаст фуд решенија, според Станковска, потребни ни се мерки насочени кон сите актери во воспитно образовниот систем, институциите, образовната програма, наставниците, а последно децата.

Квалитетен воспитно-образовен систем е најважната мерка, која не е ни мерка, туку вредност, неопходност. На учениците им е потребен стабилен, креативен и здрав систем од кој ќе црпат ресурси за својот развој и на кој ќе се потпираат. Наставници кои ќе имаат свој авторитет. Образовен систем ослободен од корупција, непотизам и партизација. Последно на листата приоритети се мерки насочени кон учениците, бидејќи децата не се проблем; децата само го манифестираат она кое возрасните го создале.

Но еве, би рекла прво да ги прашаме децата. Што тие мислат дека треба да се промени? Доколку секое дете анонимно достави писменце до стручната служба во кое ќе одговори на три прашања: Што ме прави среќен/на додека сум на училиште? Што ме растажува или лути додека сум на училиште? Што би сакал/а да е поразлично во мојот училишен ден? Веројатно повеќето деца ќе напишат: би сакал/а поголем голем одмор и да нема тестови. Но, има шанси некои деца да нè изненадат со нивните идеи а и да разбереме повеќе за нивните проблеми – објаснува м-р Станковска.

Ивана Станковска, м-р по клиничка психологија, Семеен советник

Она што недостига во училиштето е постојан вработен психолог. Законот налага вработување на педагог или психолог, па така во најголем дел од училиштата има вработено само педагог, кој пак, за волја на вистината работи повеќе административни работи, отколку она што му е вистинска задача. На прашањата „дали е неопходно задолжително вработување на психолог во училиштата? За дел од јавноста не е позната разликата меѓу педагог и психолог. Дали може кратко да ги разјасниме тие две работи?“ Станковска одговара:

Педагошката работа е посветена на менаџирање, планирање, советување и поддршка во училишните процеси на учење, постигнување резултати, унапредување, развивање на потенцијалите на учениците, мотивација и слично. Психолошката работа во училиште е посветена на менталното и емоционално здравје на учениците но и на наставничкиот тим во системска соработка со родителите; преку индивидуална и групна работа, како и редовни работилници за развивање емоционална интелигенција, решавање проблеми, решавање конфликти, комуникација, справување со стрес и слично.

Најверојатно кај нас ретко психологот има можност вистински да ја работи својата работа поради системската поставеност која го оптеретува повеќе со административни задачи отколку со пракса. Во едно основно училиште според мене треба да има барем двајца психолози, еден за училишни деца до петто одделение, и еден за деца во пубертет и рани адолесценти од петто одделение до деветто одделение. Тоа се две различни развојни периоди на децата и психолозите различно ќе работат со нив, а еден психолог за училиште од 1500 ученици е недоволен. Имајте предвид дека во 9 годишно основно образование, децата ќе минуваат низ различни семејни, развојни и социјални настани и ситуации, при што семејната ситуација ќе влијае на училишната и обратно.

Две недели по случувањата во Србија, темата во Македонија е сѐ уште актуелна. Се читаат вести за тоа, се шират секакви информации и дезинформации, се свикуваат родителски, родителите дома коментираат на темата,децата слушаат, се разговара и со нов. Во училиште се збори на истата тема, а секако и секој смета дека со разговарање на децата можеби ќе влијае на свеста на децата, па истото го слушаат и на некој курс, воншколска активност, извидници, спорт… Децата имаат телефони, пристап до интернет, секојдневно читаат разни вести на таа тема. Ја запрашавме магистар Станковска колку ова актуелизирање на оваа тема, постојано зборување со децата е позитивно, колку негативно. Таа вели:

Кога нешто ќе дознаеме, не можеме да го одзнаеме. Со други зборови, учениците кои веќе знаат за она што се случило, природно е да имаат прашања. Зависно од нивната емоционална зрелост, некои нема да разберат што точно се случило, некои ги покреваат своите одбрамбени механизми и велат: сигурно се децата некаде во болница, сигурно се живи; ова е некоја игра.

Тоа исто така значи и дека досега повеќето деца кај нас веќе заборавиле на оваа тема и продолжиле со своите детски активности, интереси и задачи, и тоа е добро. Оние кои имаат прашања, добро е да добијат одговори прилагодени на возраста, за да не мораат истите да ги бараат на интернет. Секоја негативна појава или ситуација може да се трансформира во нешто што ќе биде извор на добри, позитивни учења за добра комуникација, почит, разбирање, слушање, емпатија. Во смисла, ајде да зборуваме за она кое е вистински важно, за тоа како се однесуваме, како тоа влијае на другите, како да ги решиме нашите училишни и другарски грижи, кој може да ни помогне и охрабри, кое однесување е позитивно а кое треба да се корегира.
Негативното влијание на ситуацијата се огледува во т.н. Вертеров ефект кој повеќе е специфичен за самоубиствата, но го поврзуваат и со овие ситуации. Тоа значи дека за некои деца, особено ако се деца во пубертет или адолесценција, оваа ситуација ќе биде интересна, ќе ја доживеат како моќна и ќе го идентификуваат насилникот како некој кој е моќен и успешен. Тогаш е потребно да се обрне внимание и да се работи со овие деца и нивните семејства, без истите да се стигматизираат.

Социјалните мрежи и времето на користење интернет на учениците е проблем кој треба секако да се третира, независно од оваа ситуација. Мораме да разбереме дека зависноста од мрежите се зголемува и тоа е проблем, независно дали учениците следат позитивна или негативна содржина. Сè повеќе живеат во виртуелен свет и не развиваат капацитети за реалниот живот, оваа зависност влијае на нивната концентрација и фокус, расположение, мотивација, социјални релации. Стануваат немирни, анксиозни, депресивни, социјално се изолираат и не успеваат емоционално и социјално да созреваат, да проценуваат, да се адаптираат, да решаваат ситуации во реалниот свет на позитивен начин.

(фото: илустрација)

Стручната помош и поддршка е потребна во разни периоди низ кои поминува едно дете. Наспроти она сфаќање дека разговорот со психолог е срамно, стои и она дека разговорот со психолог може да му помогне на едно дете, на една личност полесно да ја помине фазата во животот низ која поминува. Секое дете поминува низ одредена траума и голема промена, било да е тоа развод на родители, загуба на близок член на семејството, починато милениче…

Постојат многу механизми кои на дете кое минува низ одредена животна ситуација можат да му помогнат, една од нив е стручната помош и поддршка. Се разбира дека наша задача е тоа да им го овозможиме, доколку забележиме дека детето се соочува со нешто, доколку ни го покаже тоа преку своето однесување. Тоа е нешто кое не треба да се наметнува, не можеме однапред да одредиме дека некој настан ќе влијае повредувачки на детето, но имаме обврска да следиме и одговориме на тоа – вели м-р Станковска

Булингот и насилството меѓу учениците се еден проблем, но реакциите на родителите кога ќе бидат известени за одредено однесување на нивното дете е друг проблем. Честопати наставниците трпат закани од страна на родители чии деца имаат проблематично однесување во училиштата.  Како да се прекине тој круг ученик на ученик, родител на наставник/професор? На ова м-р Станковска вели:

Ова е проблем на нашиот актуелен систем на вредности, кој е изместен. Кога ќе го ослободиме системот од корупција и непотизам и вратиме авторитетот на наставникот, ќе излеземе од тој круг.
Не можеме да очекуваме од децата да не влегуваат во булинг, доколку булингот го гледаат насекаде околу нив.
Проблематичното однесување на некои деца, е често пати само повик за помош. Должни сме да одговориме на тој повик, исто како што сме должни и да ги заштитиме децата кои трпат булинг.

Нашиот соговорник смета дека нашата нација станува посвесни за бенифите од работа со психолог и психијатар и го надминува оној непотребен срам за барање помош од стручни лица:

Можеби сите клиенти нема отворено да зборуваат за тоа со своите пријатели и роднини, но бараат стручна помош кога им е потребна, без срам и без стигма. Можеби повеќето ќе ја побараат 5 минути подоцна, односно кога проблемот веќе се развил наместо да ја побараат навреме, но ќе ја побараат. Кога човек има сериозен личен психолошки, семеен или животен проблем, тој бара помош. Тоа е човечки и природно да сакаме да ни е добро и нешто да надминеме.

 

Психолозите се единствени кои имаат знаење да направат тестирање и психолошки наод и мислење за личноста

Родителите од едно скопско училиште добиле вибер порака порака, како записник од Совет на родители после настаните во Србија во кој записник како прва точка е наведено дека е направен психолошки профил на дете во училиштето кое, цитирам, може да биде спремно на такви злодела, и за тоа ќе се разговара на родителски состанок.

Не би знаела како да ја разберам таа ситуација бидејќи ми се потребни повеќе информации. Во секој случај, транспарентноста е нешто кое го посакуваме сите, и истовремено нешто кое остава последици, односно оптеретува. Родителите се активни учесници во образовниот процес. Секој учесник во истиот си има своја улога, одговорност и задачи кои треба да ги сработи, односно постојат граници помеѓу различните улоги на учесниците, иако соработката помеѓу нив е неопходна. Психолозите се единствени кои имаат знаење да направат тестирање и психолошки наод и мислење за личноста. Тоа се доверливи информации кои ние етички немаме право да ги споделуваме со јавноста т.е. сите родители, туку постапуваме според одредени правила и механизми.