Вчера во Општина Охрид е формиран Иницијативен одбор за подготовка и поднесување на листа на независни кандидати за членови на општинскиот Совет за претстојните локални избори.
Според соопштението за јавноста, мотото на листата на независни кандидати гласи „Охрид пред се“.
Основна цел на Иницијативниот одбор, како што стои во соопштението, е подготовка на граѓанска листа составена од професионалци, работливи, чесни и слободоумни охриѓани, кои ќе го преземат управувањето со Советот на општината и ќе го претворат во место каде граѓаните реално ги решаваат своите локални проблеми.
Иницијативниот одбор на „ОХРИД ПРЕД СЕ“, ги повикува охриѓани да дадат свој придонес во подготовката на изборната програма и да учествуваат во давање предлози за персонализација на изборната листа. Намерата на Иницијативниот одбор е да создаде изборна листа на кандидати за членови на Советот на општина Охрид кои непосредно ќе ги претставуваат интересите на своите сограѓани, интересите на еснафот, на работниците, на охридските маала и населени места, без примање наредби од политичките партии и внатрепартиските хиерархии.
Во соопштението за контакт се наведува e-mail адресата ohridpredse@gmail.com, а во улога на потписници на Иницијативниот одбор се јавуваат имињата на Томе Чингоски, Димитар Велјаноски, Јован Мирчески, Никола Пројкоски, Елизабета Баракоска, Лидија Стојановиќ, Владо Чингоски, Рита Наранџоска, Горан Трајкоски и Ивица Будески.
Comments are closed for this post.