Во изминатите два дена, односно во петокот и саботата, од 20:00 до 24:00 часот, овластен инспектор за животна средина при Општина Карпош заедно со Секторот инспекторат на Град Скопје извршиле контрола на индустриската зона во Момин Поток, потегот околу Криви Дол и Злокуќани.

Од Одделението за односи со јавноста на Општина Карпош наведуваат дека станува збор за редовна контрола и надзор, со цел да се утврди начинот на кој работат правните субјекти и да се превенира загадувањето на амбиенталниот воздух и животната средина.

-Инспекциските служби констатираа дека и во вечерните часови не работи фирмата која врши дејност топење и преработка на алуминиум – „Алуминиум”, а за која на дел од порталите излегоа информации дека е главен загадувач во Општина Карпош. Имено, како што известивме и претходно, оваа фирма од пред Нова година не работи, не врши дејност. При оваа проверка, се изврши и контрола на другите правни лица кои работат во овој дел од Карпош, при што не беа забележани никакви нерегуларности и пропусти во нивното работење кои би претставувале закана за животната средина, стои во соопштението од Општината.

Кога станува збор за индивидуалното домување, наведуваат од општината, во Злокуќани се евидентирани повеќе домаќинства кои се греат на дрва и дека е препорачано да се искористат субвенциите кои ги нудат градските власти, но и да се префрлат на други, алтернативни начини на греење.

Од општината информираат дека инспекциските служби на општината заедно со партнерските институции Градот Скопје и Државниот инспекторат за животна средина и во претстојниот период ќе продолжат интензивно да го контролираат потегот околу Момин Поток, Криви Дол, Злокуќани, но и другите делови на Карпош