Новиот конкурс на Министерството за културата „Млади Европејци“ повторно предизвикува незадоволство во јавноста, а се добива впечаток дека не ја исполни ниту првичната цел, а тоа е поддршката на младите.

Kако што пишува „Независен весник“, целта на конкурсот, според најавеното од министерот Асаф Адеми, беше да се промовираат европските културни вредности, односно „преку млади таленти да се дисперзираат во локалните средини, за да се збогати, омасови, интензивира, динамизира и раздвижи културната понуда“. Право на учество имаа здруженија на граѓани, асоцијации, неформални групи и автори од областа на културата. Но во конкурсот, чие име го содржи зборот „млади“, недостигаше клучен критериум за возрасната граница на оние што може да аплицираат.

Стручната комисија формирана за овој тематски конкурс ја сочинуваа Исмаил Мислими, граѓански активист и член на НВО, Нора Шакири, социолог и надворешен соработник Нулифер Сали, самостоен уметник Валбона Мустафи-Алими, професор по музика и Рената Јајоска, член на СДММ и потпретседателка на младите европски социјалисти.

Во овој состав е дискутабилно што двајца од членовите се и редовно ангажирани во Министерството за култура, Исмаил Мислими во рамките на кабинетот на министерот и Нора Шакири во кабинетот на заменик-министерот Владимир Лазовски. Во досегашната пракса при формирање стручни комисии за одобрување проекти, лица кои се вработени во Министерството беа вклучувани само како техничка поддршка, но не и како членови со намера директно да оценуваат и да одлучуваат за тоа кои проекти ќе бидат поддржани. Во актуелниот Закон за култура се вели дека стручните комисии треба да бидат формирани од надворешни стручни кадри кои ќе поднесуваат писмена изјава дека немаат судир на интереси во однос на пристигнатите пријави. За тоа колку пари добиле како надоместок членовите на оваа комисија, вклучително и двајцата членови кои се редовно ангажирани во Министерството, досега не добивме одговор.