Директорот на Агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците, Илбер Села, вчера оствари работна средба со министерката за образование и наука, Мила Царовска.
По овој повод, директорот Илбер Села истакна дека целта на оваа средба е да се направи нешто во однос на градењето на мултиетничкото општество. По стапувањето во сила на Законот за употреба на јазиците, додаде тој, се создаде друга реалност во Македонија.

Во образовниот систем албанскиот јазик треба да биде задолжителен за учениците Mакедонци и македонскиот јазик за учениците Албанци. Треба да се создаде нова свест и расположение. Но тоа многу зависи од првиот човек кој управува со институцијата. Како добар пример треба да послужи искуството на Болцано, повеќејазичен град во Италија, каде што одлично функционираат три официјални јазика, како и во некои други земји во Европската унија, стои во соопштението на Села.

Што се однесува до двете институции, истакна тој, можеме да направиме многу заеднички работи, како што е одбележување на Европскиот ден на јазиците во септември, при што може да се вклучи и Советот на Европа.

Исто така, со Министерството за образование и наука можеме да организираме дебати за учебници, на коишто можеме да дадеме свој придонес.

Директорот Села, исто така, ѝ предложи на министерката Царовска во следната академска учебна година да се доделат стипендии на студенти на катедрите за превод и толкување на нашите универзитети, кои потоа ќе бидат вклучени во државните институции за нивните потреби од областа на преводот.

 

Posted by Ylber Sela on Monday, December 21, 2020