Икона на Пресвета Богородица -„Троеручица“ од светогорскиот српски манастир Хиландар пристигна во Скопје.Стотици верница дојдоа во црквата посветена на Мајката Божја да ја пречекаат иконата и да допрат и бакнат.Ја донесоа неколкумина српски монаси кои беа поздравени од народот.

Иконата беше внесена во црквата на осветување по што следеше литија низ центарот на Скопје. Се работи за копија од оригиналната икона и трајно ќе остане во нашиот храм.

Икона Богородична Троеручица

Оваа света и чудотворна икона на Пресвета Богородица најпрвин му припаѓаше на свети Јован Дамаскин, кој живееше во VIII век по Христа. Во тоа време, Дамаск беше дел од исламската држава – Омејадскиот калифат, а Јован беше службеник кај калифот. Кога во соседното христијанско Источно римско царство се појави ереста на иконоборството, тогаш светиот Јован Дамаскин се покажа ревносен заштитник на светите икони.

Заради тоа, безбожниот иконоборен цар Лав III Исавријанец го наклевети Јована пред Калифот за божемно ковање завера против калифот, заради што на Јован како казна му беше отсечена десната рака. Но, Јован измоли од калифот да му ја дадат отсечената рака, и, откако ја доби, се молеше пред оваа икона на Пресветата Богомајка за исцеление. Молејќи се долго пред иконата, Јован заспа пред неа. На сон му се јави Богомајката и му ја врати отсечената рака на нејзиното место, оставајќи само видлива лузна на кожата, на местото каде што беше пресечена, како сведоштво за чудото. Од благодарност за исцелението, светиот Дамаскин направи рака (поточно дланка) од сребро и ја додаде на иконата, која од тогаш е наречена „Троеручица“ (или „Трирачица“).