Велат, детето се раѓа како бел лист и што ќе се пишува на него зависи од родителите и околината. Но, понекогаш времето со себе носи промени кои влијаат на однесувањето на децата многу повеќе од секој родител на овој свет.

Минатите децении децата со сигурност растеле и созревале во многу поинакви услови од денешните пубертетлии. Со развојот на современата технологија и зависност што се создава кај децата од неа, честопати се поставува прашањето, дали децата денес се попаметни затоа што користат паметни уреди и позрели затоа што се во постојан контакт со медиумите?

Студентот Маја Тодоровска вели дека со задоволство се сеќава на нејзиното детство во 90-тите, затоа што постојано имала време за забава со другарите од маало, играле џамлии или миженка, а во родителите гледала авторитет.

– Мајка ми не беше вработена па секогаш имаше време за мене. Уште од најмала возраст ми читаше сликовници. Се знаеше кога е време за ручек, кога за вечера, а кога за спиење. Подоцна во пубертет се знаеше и од колку до колку најдоцна смеам да се задржам на игранка. Ме учеше да ги почитувам постарите. Да им ослободам место во автобус. Да кажам извини кога ќе згрешам и благодарам кога нешто ќе добијам, вели Тодоровска.

Во споредба со денес, таа смета дека воспитувањето станува поинакво.

– Денес како веќе да не постојат никакви правила или навики, децата се послободни од кога било. Не знаат за авторитет и почит. Не го исполнуваат времето надвор, го трошат пред мобилен телефон, вели Тодоровска.

Љубица Петрова, мајка на две деца, вели дека додека првото дете го учела да вози велосипед, шетале во парк и слушале „Златно славејче“, ова второво се буди и заспива со паметен телефон во рака. Загрижена е најмногу и што од зголемени работни обврски денес, не може ни да му посвети доволно внимание.

– Се чувствувам како да немам многу влијание врз моето дете. Единствените „учители“ му се популарните „инстаграмџии“ и „јутјубери“. Тешко е да развие интерес за нешто посериозно. И покрај тоа што е во пубертет, како да нема амбиција или план за нејзин живот, туку живее од денес за утре. Најмногу се запрепастувам кога ќе отидам на родителски состанок. Родителите тогаш се расправаат со учителката, со другите родители и сметаат дека нивното дете е најдобро и само тоа треба да има петки. Во меѓувреме, нивното дете расне во неспособна, незрела и пасивна индивидуа, додава Петрова.

Музика на телефон, гуглање, слики и разни апликации како начин на живот

Петрова вели дека нејзината ќерка денес премногу се грижи за својот изглед, држи разни диети, чита совети на интернет, заразена е со разни апликации и се обидува да изгледа „совршено“ и прифатено на социјалните мрежи. Сепак, не верува дека ќе може да ја смени. Едноставно, како што вели, светот функционира на тој начин.

– Мојата ќерка и нејзините соученички најголем дел од времето го користат на социјалните мрежи. Слушаат музика несоодветна за нивна возраст. Се облекуваат пресериозно и излегуваат во доцни часови од дома. Секоја вечер ја мислам каде е и во колку часот ќе се врати, но сепак, се чувствувам беспомошно. Не можам да ја сменам. Сите нејзини пријателки функционираат на тој начин. Тоа е тој тренд што зема се поголем замав. Со првата ќерка се чувствував поспокојно, тогаш немаше излегување толку доцна и таа не живееше во виртуелен свет, додава таа.