Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје, денеска на прес-конференција меѓудругото рече дека последната идеја е скулптурите и спомениците кои во рамки на Скопје 2014 беа донација на контроверзното „Здружение за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија – Скопје” да завршат на расчистената депонија во Ѓорче Петров.
Ваквиот потег, вели, би бил по примерот на познатиот Мементо парк во Будимпешта, кој е музеј под отворено небо каде што на почетокот од 90-тите години беа префрлени сите монументални статуи од комунистичкиот период на Унгарија (1949–1989), меѓу кои и оние на Ленин, Маркс, Енгелс, како и на неколку од унгарските комунистички водачи.
Во меѓувреме работната група за справување со последиците од т.н. проект „Скопје 2014“, која ја координира архитект Мирослав Грчев, упати допис по повод јавната анкета за ДУП „Мал ринг“ на Општина Центар во кој бара да бидат обележани и дислоцирани сите незаконски подигнати споменици, како и да биде вратен стариот лик на фасадите во тој дел од градот. Работната група утврдила дека при одлучувањето, финансирањето, изработувањето и подигањето на спомениците и другите артефакти, во сите случаи, без исклучок, биле прекршени предвидените законски процедури.
Депонијата во Ѓорче Петров е веќе расчистена. Идејата е по примерот на Мементо парк. Сите статуи на Сталин и од комунизмот Унгарците ги имаат ставено таму па и ние тоа да го направиме со оставштината од нашиот мал диктатор. Донациите од здружението „Попадинци“, не биле платени кога се подарувале и затоа треба да се дислоцираат, рече Шилегов пред медиумите.
Град Скопје во соработка со Oпштина Ѓорче Петров оваа година со механизација ја расчисти дивата депонија во Ново Село.покрај реката Лепенец, каде што со децении се одложуваше отпад.
Comments are closed for this post.