Политичките партии да си ги спремат листите за кандидатит за пратеници за предвремените Парламентарни избори на 12 април 2020 година, бидејќи целата постапка околу ратификацијата за членството во НАТО се очекува да биде завршена до 11 февруари, кога се распушта актуелниот парламентарен состав, истакна денеска премиерот Зоран Заев по денешното поставување на првиот електричен столб од новиот далековод од Штип кон Пробиштип.

-Сите проекции, што ги направивме е дека останува само Шпанија, која на 10 ноември има Парламентарни избори, има закажано конституирање на Парламентот на 3 декември. Тоа значи дека го имаме цел декември, цел јануари, и десетина дена од февраури, и те како постои соодветно време да се реализира. Не сакам да испратам никаква порака до било која политичка партија и потенцијални кандидатски листи за изборите да не се подготвуваат, вели Заев.

Тој акцентираше дека 12 април е договорен датум за предвремените Парламентарни избори, а дотогаш треба да се изготват програмите, кандидатските листе и да се испорачат пред граѓаните, коишто треба да одлучат на кој ќе му го доверат четиригодишниот мандат.

-Генерално не очекувам промена на датумот за изборите, но истовремено испраќам порака дека треба да ја знаеме одговорноста кон државата, а како што и бевме одговорни и да повикаме вееднаш на Парламентарни избори, како што бевме одговорни да седнеме и како разумни луѓе, да договориме датум за избори, сите заедно со консензус. Така секако сите треба да водиме грижа за интересите на државата, вели Заев.