Северна Македонија се уште е во исчекување на јасна потврда од Бугарија за поддршка за старт на преговорите со ЕУ, односно одржувањето на Меѓувладината конференција за време на германското претседателство до крајот на годинава, откако Софија порача дека пред отворање на пристапните преговори треба да се надминат недоразбирањата за историските прашања.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека разговорите за време на посетата минатата недела во Софија на министерот за надворешни работи Бујар Османи со премиерот Бојко Борисов биле добри, но разговорите меѓу министерката Екатерина Захариева и министерот Османи не биле баш добри. Тоа што е предложено од таа страна, оцени Заев, не е ниту добрососедство, ниту братство, а најмалку е европско.

-И ако тоа така остане треба да го подготвиме нашиот македонски народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција која што ја очекуваме во декември. Но јас верувам дека тоа не е став на премиерот Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ни на бугарскиот народ. Ние ќе направиме се во овие претстојни денови да изнајдеме решение. Ја прифативме заедничката историја и општата историја како што ја викаат во пријателска Бугарија како нешто што е составен дел од нашето минато. Имаме своја посебна историја и македонскиот народ и РС Македонија и бугарскиот народ или Република Бугарија, рече Заев вчера одговараќи на новинарско прашање по пуштање во работа на далекуводот Неокази – Пробиштип.