На денешната расправа во Комитетот за европски прашања на холандскиот парламент, министерот за надворешни работи Стеф Блок изјави дека владата ја остава отворена вратата за датум за преговори на Македонија со ЕУ, додека за Албанија, Хаг не е заинтересиран да даде зелено светло.
Албанија има уште долг пат што треба да го изоди. Македонија презеде добри чекори, но тие сè уште не се таму, изјави Блок пред парламентарците.
Според него, уште нешто треба да биде направено во Македонија во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Седницата на Комитетот за европски прашања имаше само една точка на дневниот ред – подготовките на владата за министерскиот состанок на ЕУ на 18 јуни, а на кој препораката на Европската комисија за почетокот на преговори со Македонија и Албанија е една од поважните точки. Холандските медиуми јавија дека пратениците барале објаснување од министерот појасен став на владата околу проширувањето кон двете земји, но Блок немал толку прецизен одговор. Пратениците му забележале на Блок дека не бил доволно јасен во ставовите, а тој им одговорил дека бил доволно јасен и нагласил дека во ЕУ не може однапред да се донесе одлука.
Пратениците во холандскиот парламент се поделени околу препораките на Европската комисија. Левичарските партии ги поддржуваат, националистите се против, конзервативците се позитивни за Македонија, но не и за Албанија, а пратеникот на владејачката партија на премиерот Марк Руте не се изјасни за време на денешната расправа.
Во исто време, во германскиот Бундестаг беше отворена расправата за ратификација на Протоколот за членството на Македонија во НАТО. Пратениците го ратификуваа документот, но притоа расправата се претвори во караница зошто Германија не е јасна околу поддршката за преговорите со ЕУ.
Пратеникот на опозициските Зелени, Јирген Тритин, оцени дека има суди во владата околу почетокот на преговорите на Скопје со Брисел. „Канцеларката е против, а Министерството за надворешни работи се залага да започнат преговорите“, рече Тритин.
Желбата на граѓаните на Северна Македонија не беше само да се биде дел од НАТО туку и дел од обединета Европа, рече пратеникот на Зелените.
Мојот сомнеж е дека Канцлерамтот (канцеларијата на Меркел) и ЦДУ сакаат да ја одложуваат дебатата на оваа тема сè додека Нова демократија не дојде на власт во Грција за да ја блокира Северна Македонија во ЕУ, рече Тритин потсетувајќи дека Европската комисија донела јасна препорака за почеток на преговорите.
Comments are closed for this post.