Во Македонија сѐ поголем е бројот на сексуално преносливи инфекции и расте бројот на несакани тинејџерски бремености, заради што државата мора да го олесни приспатот до контрацептивни средства и едукација  на младите, велат од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, по повод 26 септември, Меѓународен ден на контрацепција.

Нашата земја е со најниска стапка на употреба на контрацепција во Југоисточна Европа и европскиот регион. Од Асоцијацијата посочуваат дека стапката на употребата на модерна контрацепција во државава изнесува само 12,8 отсто.

Дополнително информираат дека не е обезбедена бесплатна контрацепција за сиромашните и ранливите групи жени, а во училиштата нема сеопфатно сексуално образование и со тоа државата го ограничува правото на младите да добијат точни и научни информации како да го заштитат сопственото здравје.

Иако 36,5 отсто од младите жени на возраст од 20 до 24 години имале потреба од контрацепција, не биле во можност да ја добијат. На глобално ниво, пристапот до модерната контрацепција ја намалува матерналната смртност за 25 отсто, и смртноста на новороденчиња за 20 отсто, а пристапот до контрацепција е обврска на државата за обезбедување основна здравствена заштита и благосотојба на своите граѓани, наведуваат од ХЕРА.