Најостро ги осудуваме медиумите кои пласираат лажни вести за предлог Законот за заштита од дискриминација, во период кога демократските чинители во земјава се борат за негово итно усвојување, стои во реакцијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Овој закон, кој треба да гарантира еднаков третман и заштита на сите граѓани во земјава, веќе подолго време е блокиран во Собранието од страна на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Се наоѓаме во недозволива ситуација кога закон што регулира основни човекови права е предмет на партиски калкулации. Истовремено, преку медиумите и социјалните мрежи се шират дезинформации околу содржината на овој закон, за на небулозен начин да се оправда ваквото недемократско и анти-европско однесување на политичките партии.
За дополнително појаснување за сите кои се впуштија во ширење на извртена вест, нагласуваме дека во ниту еден предложен или донесен закон не се предвидува замена на термините „мајка“ и „татко“ со „родител 1“ и „родител 2“. Тоа е теза нафрлена во форма на прашање од страна на политичка партија што е против предлог-Законот за заштита од дискриминација.