Не е тајна дека земјите членки на ЕУ ѝ се понаклонети на Северна Македонија одошто на Албанија кога станува збор за доделување датум за почеток на пристапните преговори, вели еврокомесарот за соседска политика и проширување во заминување Јоханес Хан во интервју за австриски „Стандард“.

„Сѐ уште работиме и двете земји да почнат преговори. Но, не е тајна дека расположението меѓу земјите членки за Северна Македонија е едноставно подобро. Двете земји ги исполнија критериумите што ЕУ-членките ги имаа поставено како услов. Затоа дадовме препорака за двете земји. Но, Северна Македонија не само што ги исполни бараните реформи туку ги постигна и историскиот Преспански договор и Договорот за пријателство со Бугарија. Кај Албанија, за жал, во преден план се појавија проблеми: опозицијата не им е во Парламентот, Владата има проблеми да го одржи дијалогот и покрената е процедура за отповикување на Претседателот“, вели Хан.

Според Хан, Владата на Северна Македонија постапила на примерен начин и направила напор да ја вклучи опозицијата. Потсетува дека остварил состанок со лидерот на опозицијата и дека апелирал до него да продолжи да покажува конструктивен став.

„Тие успеаја да решат децениски политички конфликт и покажаа значајна политичка храброст, бидејќи оваа одлука подразбираше и висок личен и политички ризик. Секако, ова се однесува и на грчката страна, но особено на Северна Македонија, каде што опозицијата е против Договорот. На почетокот, само 20 отсто од населението го поддржуваше Преспанскиот договор, а тоа што договорот се донесе е одраз на водството на Владата. И тоа, исто така, мора да се препознае и соподветно да се награди. Беше стимул за регионот. Кога лани го потпишавме Преспанскиот договор, владееше расположение да се постигне договор и помеѓу Србија и Косово. За жал, овој позитивен развој запре со воведувањето 100-процентна царина на српските производи на Косово. Решавањето на српско-косовскиот конфликт е од суштинско значење за развојот на целиот регион“, истакнува Хан.

Во интервјуто, новинарот на „Стандард“ забележува дека, со исклучок на Северна Македонија, регионот сѐ уште не ги отфрлил говорот на омраза и национализмот, иако тоа е предуслов за решавање на регионалните конфликти. Хан се согласува со таквата оценка и посочува дека токму затоа е важно Северна Македонија да биде наградена за сите нејзини напори.

„Другите влади во регионот многу добро знаат дека патот по кој оди Северна Македонија е вистинскиот. Во многу разговори ми го потврдиле тоа – но, однесувањето им е различно. Во овој контекст, политичарите во Северна Македонија се пример за воведување нов тренд. Така што, ако на Северна Македонија ѝ се дозволи отворање пристапни преговори во октомври, како што очекувам, тогаш се надевам дека тоа ќе влијае позитивно на целиот регион“, вели еврокомесарот.

Запрашан дали е разочаран од специјалната обвинителка која поднесе оставка бидејќи е под сомнение за корупција, Хан вели дека обично не коментира за постапки што се во тек, но изразува надеж дека истрагата ќе биде спроведена независно и темелно.

„Фактот дека се реагира веднаш и дека е почната истрагата е знак дека правосудството работи. Пристапот на Владата за интегрирање на СЈО во регуларното Јавно обвинителство како независен оддел ми се чини како добар пристап и се надевам дека законот ќе биде усвоен што поскоро“, подвлекува Хан.