И речиси четири години по потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, македонската страна се однесува како гуска во магла! Дури и последиот обид за надминување на недаразбирањата, што дојде од португалското претседателство со ЕУ, македонската политичка елита го дочекува неподготвена, со различни толкувања, и што е најважно, далеку од општ политички, државен и национален консензус.
И натаму, главниот камен на сопнување останува толкувањето на поимот „заедничка историја“, за кој сега министерот за надворешни работи, Бујар Османи, отвара дополителна дилема.
-Во Договорот за добрососедство направен е компромис во делот заедничка историја. Во Договорот, членот 8 предвидува „заедничка историја“, тоа значи да се формира Комисија за историја која врз основа на историските факти ќе изнајдат заеднички решенија во делот на заедничката историја. Сега тука имаме дилеми во интерпретацијата, дали заедничката историја е иста историја или заедничка историја. Како и да е, јас сметам дека тоа е добра основа за да одиме напред заедно, изјави меѓу другото министерот Османи при неговото последно телевизиско гостување.
Значи, четири години на нашата политичка елита од власта и беа малку за да го интерпретира поимот „заедничка историја“. И кога се соочи со последиците од тоа што го потпишала, почнаа и различните толкувања, дали се работи за општа, заедничка, споделена… Што е потрагично, министерот Османи се обидува сега работата да ја сведе на обична игра на зборови, при што се губи и суштината на недоразбирањата.
А, доволно е само да погледне во Дигиталниот речник на македонскиот јазик и да ја види разликата меѓу заедничка и иста.
Во речникот, зборот „заедничка“ се именува како придавка и има две значења. Едното-„што им припаѓа на сите, што е општ, колективен“ и второто-„што им припаѓа на две или повеќе лица“.
Зборот „ист“, пак, исто така е придавка и исто така има две значења. Едното-„што не е некој друг, токму тој“ и второто-„што не е поинаков, еднаков, многу сличен со некој друг“.
Очигледно, двете придавки имаат свои значења и во контекст на Договорот. Зошто, на пример, ако од „заедничка“ се земе второто значење (што им припаѓа на две или на повеќе лица), да се земе само делот „на две“, а да се игнорира делот „на повеќе лица“? Па во тој контекст, да се зборува не само за Македонија и Бугарија, туку, на пример, и за Србија? Па, Бугарија го има истиот проблем и со неа во делот на, како што они го именуваат, „западните покраини“-Димитровград, Босилеград… Ама тоа не поминува во Белград, па сега удри само по Македонија.
Придавката „иста“, пак, за која Османи вели дека има дилема, е уште покатастрофална. Според нејзиното значење и Бугарија и Македонија се едно исто, и македонската и бугарската револуционерна борба се едно исто, и бугарската окупација и ослободувањето се едно исто, и бугарскиот фашизам и македонскиот атифашизам се едно исто, и бугарскиот и македонскиот јазик се едно исто, и Македонец и Бугарин е едно исто…Одеднаш, како и Османи да станал Бугарче!?
Comments are closed for this post.