Поранешниот премиер и претседател на најголемата опозициска партија, Никола Груевски, по излегувањето од судот, изјави дека на Македонија и треба силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ, кое ќе ја победи оваа власт.

Тој додаде дека не му се познати сите аргументи за исклучувањата на поранешни и актуелни носители на партиски функции, во тој контекст и на неговиот братучед Сашо Мијалков, а не одговори конкретно ни на прашањето дали Христијан Мицкоски е на правиот пат.
Tоа народот ќе го каже на избори, рече Груевски.

Како што рече, тој имал добиено покана за партиската прослава на Денот на македонската револуционерна борба, но не присуствувал поради претходно закажани обврски.

Неговите адвокати се информираа кај кој судија е распределен предметот за извршување санкции, кој, пак, има рок од 8 дена да изготви упатен акт за извршување на казната затвор од две години, што на Груевски му беше изречена за набавката на Мерцедесот во вредност од 600.000 евра, а се водеше како предмет „Тенк„.

Тие потврдија дека во понеделникот ја добиле извршната пресуда, а сега чекаат да биде формиран упатниот акт на кој ќе биде означен датумот, часот и затворот каде Груевски ќе треба да се јави. Адвокатите на Груевски најавија дека ќе бараат одложување на извршувањето на правосилната пресуда, но не посочија што ќе наведат како причина. Според законските одредби, одбраната може да бара вонредно преиспитување на пресудата, што треба да се поднесе во рок од 30 дена од приемот.

Пред влегување во судот за предметот “Титаник“, поранешниот премиер ги одмина новинарите говорејќи на мобилен телефон.