Од Грција деновиве испраќаат медиумски бомби и тоа темпирани затоа што доаѓаат токму во пикот на сагата наречена „бегството на Груевски“. Се пишува и за вмешаноста на Сорос во Македонија, но со грчка диоптрија, која може да зачуди многу аналитичари.
Забележителен коментар осамна во влијателната „То вима“, посветен на бегството на Груевски „кому сите патишта му беа отворени во Унгарија“. Без да навлегуваме во анализа на коментарот, да пренесеме некои опсервации и квалификиции.
Прашањето е како поранешниот македонски премиер стасал до Унгарија, земја која бркала имигранти? Одговорот е следниов: „Тој е авторитарен, корумпиран политичар кој го зароби сопствениот народ и сега сака да избегне затвор. Тоа е токму тој кој ја воведе политиката на Орбан за теории на заговор. На пример еврејскиот милионер Џорџ Сорос го поттикнува исламизирањето на Европа. Поранешниот цвртс лидер на ПЈРМ не само што ја уништи својата земја, туку ја префрли антисемитската теорија на заговорот во политиката…Случајот со Груевски претставува фундаментален проблем за демократијата во земјите на Источна Европа. Зашто лидерите во Унгарија, Романија, Бугарија, Србија, Црна Гора и многу други земји се корумпирани и се под закана од затвор откако ќе бидат симнати од власт. Затоа тие прават се за да останат на власт без да им е гајле за демократијата и владеењето на правото. Орбан и Груевски и двајцата припаѓаат на иста сорта политичари и тоа објаснува зашто тие се поддржуваат и се прифаќаат со отворени раце“…
Но, тука мора да се додаде и забелешката која оди како цитат дека унгарската влада изјавила оти морале да го прифат Груевски и затоа што тој е под закана на Влада која е под влијание на Сорос.
Значи, повторно приказната се врти околу Сорос, кој пред извесно време беше во фокусот и во Грција и тоа спомнат на многу високо ниво во владиниот кабинет на грчкиот премиер Алексис Ципрас. Наводно, паднало обвинение дека тој ја финансирал Владата, поточно грчкото МНР со околу 50 милиони долари како подмачкување за Преспанскиот договор. Овие обвинувања чекаат на расчистување во грчкото собрание, или можеби никогаш.
Но, од Грција во медиумски напис на „Та неа“, уште еден медиумски капиталец, се објавува дека Сорос бил неверојатен инвеститор со стотици милиони долари кој повеќе од десет години ја финансирал „соседната земја“, што ќе рече Македонија. Со Соросови пари се финансирал македонскиот национализам, се добивале пари за скапа пропаганда, за снимање филмови.
„Фондацијата Отворено општество од 1992 до 2016 година на Скопје му дала 98,7 милиони долари Соросови пари, како и 35 милиони на име спонзорство“, објавува „Та неа“. Потоа се додава дека „таканаречените Македонци од соседната земја не само што земале пари од Соросовата фондација, туку тој на Владата во Скопје во 2016 година директно и дал 9 милиони долари за новинари плус 1,9 милиони за бизниси“!
„Та неа“ потсетува дека Сорос бил првиот кој го признал Скопје под името „Македонија“ а инситуцијата го печатела магазинот „Македонско време“.
Според извори на весникот, Соросови пари оделе и на сметка на Џорџ Атанасовски, како и за Светскиот македонски конгрес на Тодор Петров, националисти од ВМРО како и на партијата „Виножито“, партијата на Македонците во Грција (Егејска Македонија).
Comments are closed for this post.