Честитки за граѓаните на Македонија за членството во НАТО и одлуката за почеток на преговори за членство во ЕУ. И двете се децениска волја, работа и стремеж на мнозинството граѓани на Македонија и на сите поголеми политички партии. Одамна ги заслуживме, неправедно ни беа ускратени и ова е одлично за Македонија. Ќе помогне многу во иднина. Таму ни е местото.
Не толку пандемијата од вирусот, туку начинот на кој беше решена последната препрека создадена од некои наши соседи и последиците од тоа, остава голема горчина заради која, за жал, многу наши граѓани со мешани чувства ја примаат оваа вест, наместо со полна радост и прославувајќи. Но, за тоа многупати сум се изјаснил…
За жал, овие добри вести дојдоа во историски тешко време, кога со право постои голема загриженост за здравјето и животите кај граѓаните. Но, светот и Македонија како дел од него ќе го помине и ова. Борбата и истовремено умешноста, е тоа да биде со помалку жртви и штети кои се закануваат да бидат огромни на ниво а можеби и полоши од големата светска криза во 1929 година. И во развиените земји а уште повеќе во Македонија, доцни масовното тестирање. Голем проблем! Чувајте го здравјето и внимавајте на себе.
2. Кратење на платите
Најавеното намалување на платите во администрацијата и нивно сведување на минимална плата е избрзано и премногу длабоко. Но, сѐ уште има време за корекции.
Јас како министер или премиер менаџирав многу кризи во Македонија, но никогаш не дозволивме намалување на платите, пензиите, субвенциите за земјоделците и социјалните надоместоци. Спротивно, некогаш и растеа во години на криза ако претходно било ветено при што евентуално зголемувањето на платите било пролонгирано неколку месеци.
Исто така не дозволивме нарушување на стабилноста на цените и девизниот курс. Ако некогаш се оцени дека неговиот режим треба да се менува, кризите не се баш најдобар период за тоа да почне, ако веќе може да се одбегне.
Иако нема увид во состојбата на буџетот и информациите на централната банка кои не се дел од објавените, мислам дека директното кратење на основните приходи на граѓаните или дел од нив, секогаш треба да е последна опција во една земја со низок животен стандард.
Претходно на располагање се многу други опции и инструменти, тргнувајќи од кратењето и прекројувањето на буџетот особено во делот на материјалните трошоци, позајмување пари од различни извори во пакет со зголемување на буџетскиот дефицит и многу други за кои пишував минатиот викенд.
Секогаш досега кризите сме ги решавале главно со овие два интервенции и со многу реформски чекори и мерки кои им помагаа на компаниите и вработените во приватниот сектор, а само еднаш за време на воениот конфликт во 2001 привремено воведовме данок на финасиски трансакции. Во некои случаи дури и во кризи намалувавме даноци, царини и други давачки кон државата или привремено ги укинувавме, како на пример данокот на добивка за оние кои нема да ја распределат во дивиденда.
Дури и ако замислиме дека во некои услови и некогаш би морало да се повлече потег со платите, преголемо е ова кратење, сведувајќи ги на минимална плата, макар и за два месеца. Се чини како да советувал некој кој во економијата гледа само бројки, а не и реален живот на луѓе, а заборавил и на ефектите од намалувањето на потрошувачката која и онака е во слободен пад.
Ако пандемијата и кризата потрае подолго, оваа мерка, со вакво силно спуштање на платите е неодржлива на подолг рок. Ако пак заврши брзо (мај/јуни), тогаш е непотребна и избрзана, односно може да се замени со други мерки.
Јас го разбирам концептот на солидарноста и тоа може да е неизбежен концепт во многу полоши услови од овие и во кратења со помали размери од овие. Треба добро да се размисли.
3. Купувајте македонски производи
Спотот именуван како “Кројачот” беше вториот спот од кампањата “Купувајте домашни производи” есента 1999 година. Ако со првиот сакавме да потсетиме дека Македонија имала и има квалитетни и на широко барани производи, веќе со вториот сакавме да потсетиме на користа од давањето предност при пазарењето на домашниот производ кога е тоа можно и со тоа да извршиме влијание на свеста на граѓаните на таа димензија од кампањата.
Спотот го изработи McCann Erickson Skopje во соработка и поддршка од McCann Erickson од Белград во тоа време водена од Срѓан Шапер (поранешен член на групата Идоли), компанија и менаџер кои во целина ја водеа и менаџираа кампањата. Кампањата даде резултат и граѓаните тогаш почнаа да ги менуваат навиките, а купувањето домашни производи растеше.
4. Актуелната економска криза во светот, Америка, Европа, мерки, перспективи, проекции…
Во светската економија се одвиваат тектонски пореметувања од економската криза и драматичниот пад на еконимиите предизвикани главно од вирусот Корона.
Америка предводена од претседателот Трамп која со одлично дизајнирани политики достигна екстремно ниска стапка на невработеност од 3,5% минатата недела се соочи со најголемо во историјата пријавување на нови невработени кои ја загубиле работата и бараат државна помош: 3,3 милиони луѓе се пријавија за невработени кои бараат помош во само една недела. Досега рекордот бил околу 650 илјади во една недела во 1982 година.
Оваа криза се заканува сериозно да ја зголеми невработеноста во светската економска локомотива и пошироко, а министерот за финансии на САД Стивен Мнучин не ја исклучи можноста невработеноста во САД да достигне и до 20% . Според некои економисти може да се случи црно сценарио, во април без работа да останат 40 милиони луѓе во САД.
Претседателот Трамп превзема енергични мерки со вбризгување на досега незабележани 2 илјади милијарди долари (два трилиони), двојно од првичната најава. Од нив ќе се исплатат по 1.200 долари на најголем дел од граѓаните, а значаен дел ќе оди за помош на невработените чија бројка рапидно расте.
Во ЕУ дојде до поделба околу начинот на справување со кризата. Од една страна Франција, Шпанија, Италија, Грција и уште неколку бараат издавање на евро обврзници (Корона обврзници) без ограничувања и трошоци со кои би се финансирале погодените и финансиски по нестабилни земји.
Но Германија, Холандија, Австрија и други економски постабилни не се согласуваат и предлагаат т.н. ESM (European Stability Mechanism) во висина од 410 милијарди евра, ограничени до 2% од БДП на секоја погодена земја и додатни услови. Макрон веќе јавно реагира со изјави.
Германија посебно за нејзината економија, веќе почетно најавените 550 милиони евра државна интервенција ги претвори во 750 за неколку дена со отвореност за зголемување. Индексите на берзите во САД за три недели паднаа за 30%, што се случуваше и порано во големите кризи но во еден подолг период од две-три години. Потоа откако се објави новиот пакет мерки на владата пораснаа за околу 11%, што укажува на голема нестабилност на финансиските пазари.
Постојат разни предвидувања за тоа како ќе се движи кризата и кои ќе се трендовите, тргнувајќи според некои од буквата V, според други буквата U, според трети буквата L (пад па економската активност по која би следела депресија), а според некои може да биде како буквата I, вертикална линија која прикажува пропаѓање на финасиските пазари и реалната економија.
Нуриел Рубини, оној економист кој две години однапред ја предвиде светската финансиска криза во 2008г. и заради што го нарекуваат “Др. Пропаст”, веќе неколку години говори за преголемото задолжување особено на корпорациите како можност за нова криза.
За сегашната ситуација смета дека сите елементи на агрегатната побарувачка-потрошувачка, потрошувачка на капиталот и извоз, се во незапамтен слободен пад и дека најдобро сценарио би било падот да биде подрастичен од оној во 2008 година, но краткорочен со позитивен раст во четвртиот квартал, за што предуслов е брзо сузбивање на вирусот со мерките кои ги превзема Кина, во САД, Европа и другите погодени економии.
И второ, креаторите на монетарната економија кои за помалку од еден месец направија повеќе отколку за три години во кризата во 2008 година, би морале да продолжат со спроведување на сите можни неконвенционални мерки за сузбивање на кризата. Тоа значи нулта каматна или негативна каматна стапка, квантитативно попуштање, односно вбризгување евтини пари и други мерки со цел помош на економијата, а владите да обезбедат голем буџетски стимул, вклучувајќи и т.н. “фрлање пари од хеликоптер” (кованица на Милтон Фридман), што значи директно насочување на средства за домаќинствата со неконвенционални методи. Тој сугерира на побогатите земји, буџетскиот дефицит од 2-3 отсто да го зголемат на 10% или повеќе, бидејќи единствено централните банки имаат можност да спречат колапс на приватниот сектор и интервенциите финансирани со дефицит да се монетизираат, бидејќи ако тоа се прави преку стандардниот владин долг, односно издавање државни обврзници, тогаш тоа би водело кон раст на каматните стапки и инфлација.
Но со обѕир дека здравствените системи во развиените земји се слаби за да се запре пандемијата, а сегашниот фискален стимул не е ниту доволно брз, ниту обемен, тој не е оптимист дека ова сценарио ќе се оствари и повеќе шанси дава на нова “голема депресија”, поголема од првата во 1929 година.
Дополнителен проблем е падот на цената на нафтата на 25 долари и очекувањата да падне на 10 долари (како во 1998 г.), и пополнетоста на складовите за нејзино складирање, кое дотолку е сериозно што веројатно наскоро ќе се складира по танкерите, што пак во уште потешка ситуација ќе ги донесе земјите големи произведувачи како Саудиска Арабија, Канада, Русија, САД и други.
Некои економисти имаат по оптимистични прогнози, како на пример шефот на федералните резерви на САД (ја има улогата на Народната банка/централна банка), кој смета дека првите два квартали ќе има сериозен пад на економијата, а во втората половина опоравување со раст во последниот квартал.
Некои големи корпорации како Голдман Сакс, Џи Пи Морган и Морган Стенли предвидуваат пад на американскиот бруто општествен производ во првиот квартал од 7% на годишно ниво, додека во третиот дури помеѓу 24% и 30%.
Како ќе биде во голема мерка ќе зависи од тоа кога вирусот ќе биде победен и дали ако биде победен, дали брзо следната есен нема да мутира и да ги уништи сите дотогашни напори во битката со него, од кого веќе во САД заболеа над 100 илјади луѓе.
Претседателот Трамп потпишувајки ги синоќа Законите за поддршка на економијата кои ги усвоија конгресот и сенатот (таму не беа суспендирани нивните “парламенти”), а со еден од тие акти се воведува правото да им наложи на приватните компании да произведуваат тоа што е потребно за националната одбрана (во случајот на Џенерал Електрик ќе му се наложи пренамена на производството и правење респиратори), даде оптимистичка изјава преку Твитер:
“Ги собравме целата сила на владата и општеството да оствариме победа над вирусот. Заедно ќе истраеме, ќе надвладееме и ќе победиме”.
5. Искуствата од Јужна Америка
Минатиот викенд објавив еден дел од мојот докторски труд кој дава осврт на искуствата од тековите на различните видови на капитал особено во услови на економски кризи.
Тогаш фокусот беше на четири азиски економии: Кина, Индија, Малезија и Јужна Кореја.
Денес, се разбира само за оние кои ги интересира оваа тематика, искуствата на три држави од ЈУЖНА АМЕРИКА: Аргентина, Бразил и Мексико.
Искуствата се огромни лекции а некои и експерименти. “Жешки” се, како и аргентинското “Tango”, бразилската “Samba” па и мексиканското “ Јаrabe Tapatio”. Има што да се научи од тие искуства. Возбудлив извадок од 12 страни од книгата “Искуства за иднината”.