Грчкиот Парламент следната седмица ќе ја ратификува спогодбата меѓу Грција и Македонија за отворање граничен премин кај Преспа, по што ќе следуваат министерска одлука и соодветен претседателски декрет. Вакво нешто соопштила алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу за време на состанокот во грчкото МНР за новиот граничен премин, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција, на состанокот учествувале координаторот на децентрализираната администрација на регионот Епир – Западна Македонија, Василиос Михелакис, заменикот префект за енергија, животна средина и транспорт на областа Западна Македонија, Константинос Геру и градоначалникот на Општина Преспа, Панајотис Пасхалидис, а биле присутни и претставници на надлежните министерства.
За време на состанокот, Анагностопулу го изразила задоволството што се покажува важноста на Договорот од Преспа за локалното население и ги повикала сите надлежни служби на најдобар можен начин да го сторат она што е потребно за спроведување на спогодбата за граничниот премин.
Учесниците го презентирале текот на истражувањето (патно поврзување, градежни објекти за полицијата и царинските власти и сл.), а било разгледано и доставувањето предлог за приклучување кон Европската програма „INTERREG“.
Како што е одредено во спогодбата, во рок од 30 дена од ратификацијата, ќе биде формиран Мешовит комитет на експерти за спроведување на договорот, во кој ќе учествуваат претставници од Грција и Северна Македонија – соопштуваат од грчкото МНР.
На состанокот било истакнато дека отворањето на граничниот премин е долгогодишно барање на локалното население од Преспа, поддржано од општината и надлежната периферија за надградување на поширокиот регион и за туристички развој.
Comments are closed for this post.