Во недела ќе започнат седмите локални избори, на кои ќе се избираат градоначалници и советници во 80 општини и Град Скопје. Граѓаните ќе избираат меѓу 299 кандидати за градоначалници и 572 кандидатски листи за членови на општинските совети со вкупно 10.532 кандидати. Свои кандидати имаат коалиции, политички партии, а овој пат има и бројни независни кандидатури. Градоначалници и советници ќе се избираат во сите 80 општини и градот Скопје. Право на глас имаат 1.824.864 граѓани запишани во Избирачкиот список.
Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина. Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина.
Во најголем дел општини има по повеќе или неколку кандидати за градоначалници и листи за советници. Во дваесетина општини би можело да се очекува гласањето да заврши во првиот круг од изборите бидејќи таму се кандидирани само по двајца кандидати за градоначалници.
Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови во согласност со член 132 став 1 од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето. Во вториот круг на гласање за градоначалник е избран кандидатот кој добил поголем број гласови.
Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.
Советници се избираат во првиот круг од изборите и притоа се употребува пропорционалниот модел, при што распределбата на мандатите се врши по Д’Хондтовата формула. Според формулата, вкупниот број гласови добиен за предложените кандидатски листи се дели со низот на делители 1,2,3… сè до бројот на членовите на советот кои се избираат во конкретната општина. Вака добиените количници се редат по големина, при што се земаат предвид оние најголеми количници колку што се избираат членови во советот. Една листа на кандидати добива онолку членови во советот колку што има најголеми количници од оние кои се земени предвид.
Кампањата за вториот круг од изборите почнува веднаш по неделните избори, в понеделник, 18 октомври, и завршува на 29 октомври. Гласањето треба да се одржи на 31 октомври.
Comments are closed for this post.