Четириесет и еден случај со ХИВ се регистирани годинава, а тројца се починати. Најголем број се на возраст од 20 до 39 години и се од машки пол. Најмладиот регистриран случај е на возраст од 21 година, а најстариот имал 51 година. Од регистрираните повеќе од половината се од Скопје.

Граѓаните треба да се тестираат. Се очекува до крајот на годинава 90 отсто од предвиденото да се оствари во однос на тестирањето, кое е бесплатно, доброволно и доверливо. Ова беше истакнато на денешната прес-конференција во Министерството за здравство во пресрет на 1 Декември, Светскиот ден на борба против ХИВ/СИДА.

Доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје рече дека од 1987 година досега во Македонија се регистрирани 400 случаи, а се дијагностицирани 99 смртни случаи.

Во последните 17 години бројот на смртни случаи е намален, иако има тендеција на пораст на бројот на регистрирани случаи. Најголем број од случаите се кај сексуално активната популација на возраст од 20 до 39 години. Во однос на начинот на пренос, повеќе од половина од случаите се мажи кои имале секс со мажи, речиси 40 отсто инфекцијата ја добиле преку хетеросексуален контакт, а само 2,5 отсто од случаите се лица кои инјектираат дроги, додаде Микиќ.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека годинава Владата ги презеде финансиските обврски од Глобалниот фонд, кој со години наназад ги финансираше превентивните ХИВ програми. Посочи дека одвоиле 90 милиони денари, направиле договори со бројни граѓански здруженија што ги презеле обврските за спроведување на програмата.

Се уште имаме релативно висок процент луѓе кои живеат непрепознаени, а имаат ХИВ вурис. Во таа смисла ги повикуваме сите да направат бесплатни испитувања на Клиниката за инфективни болести што се одвиваат дискретно со цел рано откривање на болеста и ран почеток на лекување со соодветна специфична терапија, рече Филипче.

Директорот на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и национален координатор за ХИВ, Милена Стевановиќ рече дека третманот обезбедува не само добар квалитет и здравје кај инфицираните, туку и превенција и спречување на ширењето на инфекцијата.

Во моментот 217 пациенти се на континуиран третман на Клиниката, а во наша континуирана грижа се 225 пациенти. Неколкумина од нив се новодијагностицирани пред неколку дена. Тројца пациенти починаа годинава, додаде Стевановиќ и упати апел до граѓаните да се тестираат.

Извршниот директор на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни”, Андреј Сених рече дека има голем број инфицирани со ХИВ, кои се уште не го знаат својот ХИВ статус. Во Македонија, појасни има современа терапија и луѓето не треба да го одложуваат тестирањето. Потенцира дека државата може до 2020 година да се приближи до целта 90 отсто од проценетиот број инфицирани со ХИВ да бидат дијагностицирани.

За жал поголем дел од лековите за третман на ХИВ инфекција се уште не се регистрирани во Република Македонија, што ги отежнува процесите на набавка. Апелираме до фармацевтските компании да се погрижат сите лековите кои се користат во третманот да бидат регистрирани, а до институциите да создадат услови со кои ќе се потигне тоа, додаде Сених.