Германската амбасада во Скопје информира дека од февруари ќе се промени начинот на доделување на термини за виза според § 26 став 2 од Одредбата за вработување („Регулатива за Западен Балкан“): поради многу големата побарувачка за термини за поднесување на барање за визи, кои ја надминуваат бројката на термини што стојат на располагање, од февруари 2022 год. ќе се спроведува лотарија еднаш месечно.
За таа цел, во февруари за првпат ќе се отвори нова листа за регистрација на термини за поднесување на барање за визи. Оваа прва листа ќе биде отворена за регистрации за одреден временски период (најверојатно 2 недели). Листата нема да се затвори, како досега, кога ќе се дојде до одредена бројка на регистрации. Наместо тоа, листата за регистрација ќе се затвори на одреден ден и од сите регистрации, компјутерски, по случаен избор по пат на лотарија ќе се избере кој ќе добие термин во март 2022 година. За точните податоци кога ќе се отвори листата, ќе информираме навреме на нашата веб-страна и преку нашиот фејсбук профил.
Лотаријата ќе се спроведе во германското Министерство за надворешни работи во Берлин под надзор од повеќе лица. Веднаш потоа, избраните лица ќе бидат известени од Амбасадата, кога ќе биде нивниот термин во следниот месец.
Сите регистрации ќе учествуваат во постапката за лотарија, независно од тоа кога била регистрацијата. Регистрацијата што била порано направена нема никаква предност наспроти регистрацијата што била подоцна направена, велат од Амбасада.
Исклучена е можноста за повеќе регистрации. Не постои можност ниту за дополнителна промена на податоците што се внесени при регистрацијата. Не е дозволено отстапување на терминот на друго лице. Нема потреба од учество на трети лица (на пр. некоја Агенција) и со тоа не се добива никаква предност. Ве молиме регистрирајте се самите за постапката и задолжително внимавајте на точноста на Вашите податоци.
При приложување на потврдата за термин, влез во Визниот оддел ќе биде дозволен само ако личните податоци во пасошот на подносителот на барањето целосно се совпаѓаат со податоците што се внесени во терминот за регистрација.
Регистрaциите што не добиле термин, ќе бидат избришани на крајот на месецот. Ако Вашата регистрација не добила термин, и во тој случај ќе добиете соодветно известување дека не сте извлечени. Од технички причини, може да поминат неколку дена додека добиете известување. Ве молиме да не испраќате мејлови. За да може да учествувате во лотаријата за термини во следниот месец, потребна е нова регистрација.
Само на овој начин може да се доделат термини за поднесување на виза според „Регулативата за Западен Балкан“. Амбасадата не дава други посебни термини и од овие причини Ве замолуваме да се откажете од таков тип на прашања.
Comments are closed for this post.