Втор ден беснее огнот во близина на дебарското село Гари на планината Стогово. Во утринскиот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК) се вели дека овој е еден од 13-те активни пожари низ Македонија, а гори мешана шума, но нема детали како се интервенира и што се презема.

Жителите утрово се уште позагрижени зошто пламените јазици се сè поблиску до селото. Велат не гледаме дека нешто се прави оваа катастрофа да се спречи.

Апели дека ситуацијата е доста сериозна и затоа е потребна брза интервенција од надлежните пристигаат уште од вчеравечер.

Превземете нешто додека не е премногу касно, вели постар жител на Гари, додавајќи дека засега никој ништо не превзема за да се угаси пожарот.

 

Се зборува дека го откажале хеликоптерот, па не се арни! Ситуацијата се влошува од час во час, гори сè повеќе и повеќе, а ние сме оставени овде сами на себе, коментира друг гаричанец, огорчен што никој не ги слуша нивните апели за помош.

Дека ситуацијата се влоши преку ноќ се гледа и преку сателитските снимки:

Огнот кај Гари вчера, 16 август
Огнот целосно доближен до селото утрово, 17 август

„Република“ во моментот ги очекува одговорите од ЦУК што се случува со овој пожар и каков е планот за интервенција.

Гари, пак, во моментов, како и секоја година за овој период, е полн со луѓе зошто селото секоја година со многу традиции и адети го слави патрониот празник Голема Богородица. Така и сега, полно е народ, зошто во родната грутка се вратени многу фамилии.