Вие сте иднината на нашата Унија“, им порача Урсула фон дер Лајен на народите од Молдавија, Украина, Груција и земјите од Западен Балкан – кандидати за членство во ЕУ, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Прашањето за интеграцијата на новите земји-членки е трнливо и ги дели 27-те. Неколку земји, вклучително и Франција, би сакале функционирањето на Унијата да се измени пред евентуалното проширување на ЕУ. Но за Урсула фон дер Лејен е потребно да се „презамисли надворешната политика на ЕУ“.

-Дојден е моментот да се инвестира во силата на демократијата. Но тоа започнува со група на партнери. Нашите пријатели од демократските нации од планетата. Тие што го гледаат светот како ние и кои ги делат истите вредности, треба да ги мобилизираме нашите колективни сили во интерес на светот. Треба да ја прошириме групата на демократии. Најдобар начин да се направи тоа е да се продлабочат врските и да се засилат демократиите на нашиот континент, порача претседателката на ЕК.   

Според неа, треба да се започне со оние кои се на патот кон ЕУ. – Ние треба да бидеме покрај нив, при секој чекор, секој ден, бидејќи патот кој води кон посилна демократија, патот кој води кон ЕУ е истиот пат, нагласи Фон дер Лајен.

– Поради тоа народите од Западен Балкан, Молдавија, Грузија, Украина, тие треба да знаат дека  се дел од нашето семејство. Вие сте иднината на нашата Унија и нашата Унија нема да биде  целосна без вас. Тоа е пораката која им ја испраќаме, инсистираше претседателката на Европската Комисија пропратена со аплауз во ЕП.