Целосно сме фокусирани на борбата со епидемијата и во ниту еден момент не сме дискутирале прашањето за избори во јуни или во јули, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, на онлајн прес-конференцијата.

Се растегна епидемиолошката крива. Сè уште сме во фаза во која сите болнички капацитети се во приправност во однос на можните најцрни сценарија. Ситуацијата сѐ уште е иста. Имаме одлични резултати, но премногу е рано да зборуваме за олабавување на мерките и организирање на еден таков настан како што се избори. Сè уште е рано да предвидуваме што било на таа тема. Фокусирани сме на тоа какви ќе бидат мерките во текот на летото и по летото. Тоа се нашите активности, изјави Филипче.