Во насока на унапредување на лекувањето моделот на јавно-приватно партнерство ќе биде начин сите пациенти да имаат можност да добијат врвни здравствени услуги и во приватните болници. Ова е одговорот на институциите по согледувањата дека над 35 проценти од граѓаните за лекување плаќаат од сопствен џеб во установи надвор од јавното здравство, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.

„Имаме и наши анализи во Министерство, Институтот за јавно здравје и Фондот за здравстевено осигурување кои укажуваат дека 30 проценти плаќаат само во приватниот сектор. Ако вака остане со јасна граница меѓу приватно и јавно здравство сметаме дека ќе бидеме доведени во полоша ситуација. Наша идеја е со воведување на јавни приватни партнерства да ги отвориме вратите на сите институции за сите пациенти за истите цени и придонеси кои сега ги плаќаат, а да може да добијат соодветни услуги од врвни експерти во која било институција во земјата“, рече Филипче,кој Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово, присуствуваше на предавање по повод Светскиот ден на здравјето.

Потсети дека соочувањето со нерационалноста со одредени болници кои се празни, по изборите ќе се надминува со развивање на законот преку физибилити студија околу намалување на трошоци. На новинарско прашање за можноста за зголемување на персоналот во руралните средини, пред се во планинските предели, рече дека има веќе конкретни мерки.

„Во тетовско Урвич се пушти во употреба амбуланта и сега разработуваме систем како една лекарска екипа да работи на повеќе амбуланти, пример меѓу селата Урвич и Јеловјане. Во план е и воведување на системот за мобилни патронажни сервиси, почнуваме пилот проект во Ресен, Битола и Кочани. Тоа се мобилни сервиси од здравствените домови во медицинските центри и клинички болници кои можат да прават посети по системот на ротација, каде нема повеќе доктори и медицински сестри. Така значајно ќе се олесни пристапот и квалитетот на здравствената заштита на граѓаните кои сега патуваат до најблискиот град за здравствена услуга“, потенцира Филипче.

Според него, подобрување ќе има и во службите за Итна медицинска помош со набавки на нови возила. Во текот на годината, додаде, планирано е доопремување на новиот Дијагностичко-ургентен центар во Тетовската клиничка болница.