Присуство на полициски службеници во комплексот на Клиничкиот центар, пред се на критичните места на клиниките, таму каде во текот на ноќните часови има најголема фреквенција на пациенти, побарал министерот за здравство, Венко Филипче од својот колега за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Ова барање на Филипче доаѓа по инцидентот што се случи рано утринава на КАРИЛ, кога роднини на пациент кој починал на клиниката нападнале медицинска сестра и почнале да ја удираат со клоци и боксови.
Со министерот за внатрешни имав телефонски разговор и во текот на денот или утре ќе ги разгледаме сите алтернативи кои ни се на располагање за да ја зголемиме безбедноста тука во кампусот и на критичните места на клиниките, пред се мислам на Ургентниот центар и таму каде и во текот на ноќните часови има најголема фреквенција на пациенти. Не може да се забрани посета. Сметам дека најсодветно е тоа да бидат припадници на МВР и во таа насока ќе биде дискусијата, додаде Филипче.
Како што информира раководителката на КАРИЛ, Маја Мојсова, нападот се случил пред почетокот на смената. Сестрата била и физички и вербално нападната и со закани за нејзиниот живот
За среќа, како што истакна д-р Мојсова, сестрата нема тешки телесни повреди, иако психичкиот стрес што го преживеала ќе бара третман.
Сестрата е страшно многу вознемирена и целиот персонал на КАРИЛ е вознемирен.Денес се работи во тешки услови. Таа сега ќе оди на боледување и на психијатриска проценка за да можеме да и помогнеме во овој процес да соочи со ваквата ситуација. Во суштина многу често се случуваат вакви работи. На Ургентен и на КАРИЛ сме на удар на роднините на пациентите. Сите пациенти кои доаѓаат кај нас се најтешко болните. Никој не може добро да работи кога има ваков мобинг, или пак, закани по живот и семејство – изјави д-р Мојсова.
Полицијата се уште трага по напаѓачите на медицинската сестра.
Тие се идентификувани, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Најави дека ќе се разговара за ангажирањето полицајци во дел од клиниките.
Comments are closed for this post.