Колективен имунитет до крајот на летото, очекува министерот за здравство Венко Филипче. Тој, како што изјави во вчерашното интервју на Радио Слободна Европа, очекува со сите вакцини што треба да пристигнат во земјава, до крајот на летото да се постигне колективен имунитет. Министерот нагласи дека сите вакцини се безбедни и нема потреба граѓаните да преферираат една наспроти друга вакцина.

Сега, со пристигнувањето на оваа значајно голема количина вакцини, а очекуваме уште стотина илјади на 15 мај, повторно од производителот „Синофарм“ и количината од 500 илјади вакцини од производителот „Синовак“ до крајот на мај, значи една значајно голема количина, која ќе се дистрибуира по овие два канала што ги спомнав, решивме да се стави приоритет на тие што се пријавиле и затоа се направи пресек на 30 април – сите граѓани коишто се пријавени на сајтот vakcinacija.mk, а тоа се невакцинирани близу 160 илјади, во период од две недели, значи некаде до 15 мај, ќе добијат термин за вакцинација преку СМС-порака или мејл, со точно време и пункт каде треба да се јават, рече Филипче.

Посочи дека се става приоритет на тие кои покажале интерес за вакцинација и затоа апелира граѓаните да се пријават на сајтот и да ги има во системот „Мој термин“ за да може понатаму да се креираат тие приоритети.

Министерството за здравство информира дека заклучно со завчера вакцинирани биле вкупно 107.978 граѓани, а на веб-платформата „vakcinacija.mk“ се пријавиле 279.909 лица.

Нагласуваат дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува.

Во државата вкупно се аплицирани 130.878 дози вакцини, а ревакцинирани се 22.900 граѓани. Со последните бројки околу 30 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, соопштија вчера од Министерството за здравство.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.