Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави конкретни внатрепартиски промени во начинот на избор на кандидати за градоначалници и за советници на следните локални избори.

Ќе предложам советниците да ротираат, односно да имаат мандат од две години, а потоа следните од листата да влезат во советот. Така ќе им дадеме шанса на двојно повеќе наши другари и другарки да бидат советници во рамки на четиригодишниот мандат. Тоа е фер и дава можност за поголема вклученост – изјави Филипче на состанок со Општинската организација на СДСМ Аеродром.

Тој најави и нов кодекс на однесување којшто ќе мора да го потпишат сите советници:

Дел од досегашните советници не си ја вршеа добро работата, дел соработуваа со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ама само за лични интереси. Тоа повеќе нема да се дозволи. Ќе има санкции за прекршување на кодексот, рече тој.

Во однос на изборот на кандидати, претседателот на СДСМ порача дека ќе го поддржи секое решение што ќе дојде од базата.

Вие во општинските организации најдобро знаете кој има капацитети и доверба кај граѓаните. Не сакам да наметнувам, туку да слушам – нагласи Филипче во Аеродром.

Филипче се осврна и на актуелната локална власт во Аеродром, истакнувајќи: Се чудам како ВМРО-ДПМНЕ повторно го предлага актуелниот градоначалник на Аеродром. Полош градоначалник, според мене, Аеродром никогаш немал.

РЕАКЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ

Венко Филипче секој ден се соочува со „нови маки“, реагираат од ВМРО ДПМНЕ на изјавите на лидерот на СДСМ.

Секој ден од сите страни стигаат потврди дека Филипче освен што му слугува на Зоран Заев не може да направи ништо друго.

Сега се потврди дека Филипче не може да соработува ниту со советниците по општините на Заев.

Филипче сега најави санкции во партијата и се жали советниците во општините не го слушале.

Како тргнал Филипче ќе остане само да ги тера и штити бизнис интересите на Заев, бидејќи никој не останува дури ни во партијата што сака да работи со него.

Или како што велат неговите сопартијци, тој нема ниту пристапница за СДС, или не е СДС, велат од ВМРО ДПМНЕ.