Активно работиме да најдеме нов објект во кој ќе биде сместен Центарот за зависници, кој се наоѓа во Кисела Вода. Има три објекти кои се на периферија на Скопје и сега утврдуваме дали тие може да се адаптираат и реновираат и да се даде малку поинаков тип здравствена услуга за тие зависници, затоа што има нови модели на терапија и нов пристап.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека за релативно брзо време ќе го имаат решението.

Жителите на Кисела Вода неколку пати протестираат барајќи дислоцирање на центарот за зависници. Тие велат дека не се чувствуваат безбедни затоа што постојано се расфрлаат шприцеви и игли во околината кои се опасни за децата.

Градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, рече дека решението е зголемено присуство на персонал и полиција во болницата.

Од градоначалникот добија ветување дека центарот ќе биде дислоциран за 6 месеци.