Општата болница во Кочани нема да се затвора и истите услуги кои досега биле давани ќе продолжат да се даваат на пациентите од Кочани и околните места, соопшти при денешната посета на оваа болница министерот за здравство Венко Филипче.
„Критикувани бевме дека ќе ја затвориме Општата болница Кочани, но не станува збор за затворање, туку за модел на нивно унапредување, каде за истите пари од Фондот ќе добиеме подобри услови за работа на здравствените работници и подобри услови за пациентите“, рече министерот Филипче.
Според него, концептот за регионализација ќе донесе голем бенефит за жителите, а болницата во Кочани ќе стане регионален центар за ампутации, каде ќе се вршат ампутации на пациенти од целата држава.
Министерот Филипче посочи дека концептот на јавно приватно партнерство ќе биде разгледан со вработените и по завршување на физибилити студиите, ќе се отвори широка јавна дебата. Дејностите ќе останат, а приватниот партнер би инвестирал во инфраструктурата.
Според специјалностите во секоја установа, ќе се направи листа на дејности и регионализација. Со регионализација ќе се зајакнат капацитетите на точно утврдените дејности во секоја установа.
На состанокот, министерот Филипче истакна дека нема да биде наметнато решение, нема да се затвoраат болници, туку ќе се направи реорганизација, се со цел унапредување на здравствената заштита за пациентите.
Comments are closed for this post.