Со завршни зборови на останатите обвинетите, меѓу кои и екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, утре во Кривичниот суд треба да продолжи предметот на поранешното СЈО насловено како „Насилство во Центар“.

На последното рочиште во четвртокот минатата недела, обвинителите Фатиме Фетаи и Гавриул Бубевски дури по цели четири години го повлекова обвинението против дотогаш обвинетите Даниела Рангелова и уште други две лица.

Во новото, наводно прецизирано обвинение, обвинителите оценија дека против нив нема докази за вината, што до тогаш им се ставаше на товар, но истовремено фрлија и сосема нова светлина врз целиот предмет.

Прецизираното обвинение на Фетаи и Бубевски, всушност, во целост ги отфрли досегашните обвинувања дека настаните во Општина Центар во 2013 година ги организирала партијата ВМРО-ДПМНЕ преку својата хиерархиска поставеност. Но, сега топката, особено за второобвинетиот Јанакиески, се префрла на ирелевантна блискост со поранешниот премиер и претседател на партијата Никола Груевски.

И тоа без докази, аргументи и факти, туку врз вербално изјаснување на обвинителката Фетаи во нејзините завршни зборови дека сите знаеме дека Миле Јанакиески беше десна рака и човек од доверба на Никола Груевски.

Покрај партиската боја на протестите, што веќе е елиминирана од обвинителниот акт, сега е доведена во прашање и основната причина за нивното организирање, зашто отпаднаа и лукративните причини, што би се оствариле со менување на ДУП-от за „Мал ринг“, а не во уривањето на црквата „Св.Константин и Елена“ во центарот на Скопје.

Речиси нема предмет на поранешното СЈО во кој не е обвинет Миле Јанакиески. Но, во конкретниот случај за предметот „Насилство во Центар“, за Јанакиески нема никакви докази и аргументи дека го сторил тоа за што го товари обвинителството-дека ги организирал протестите и учесниците ги поттикнувал на насилство.

Напротив, сите аргументи и докази дека не го сторил тоа се на негова страна, а на страната на обвинителството се само голата политика и перцепцијата дека бил најблизок соработник и десна рака на поранешниот премиер и првообвинет во предметот Никола Греувски.
Значи, целата приказна се темели врз една од „аудио-бомбите“, што беа објавени со презентацијата на „Вистината за Македонија“ од страна на сега владејачкиот СДСМ.

Освен неа, нема ниту еден друг телефонски разговор или СМС порака од илјадниците снимени за Јанакиески, зашто тој самиот спаѓа во групата најприслушувани лица во периодот од 2008 до 2015 година! Ако навистина бил организатор и поттикнувач на настаните, тогаш тоа е апсолутно невозможно. Обвинителството ќе успееше да најде барем еден разговор или една порака со било кој од останатите обвинети, со што ќе ги потврдеше неговите активности намери. Но, такви нема!

Да, Јанакиески имал разговор со Груевски. И што ќе беше ако Груевски му рекол да скокне во Вардар и да се удави или да убие н екого! Јанакиески веднаш ќе го послушал својот претпоставен?! Не. Како што не го сторил тоа, што се слуша во разговорот со Груевски.
Но, обвинителството поаѓа од тоа-слушајте што зборуваат, а не од тоа што навистина правел Јанакиески. А, Јанакиески не правел ништо. Зашто, ниту можел да прави, со оглед дека ниту физички не бил во Македонија кога, наводно, се одржувала некаква координација за организирање на протестите. Тој во тоа време бил на заедничка седница на српската и македонската влада во Белград.

Единствениот доказ, што е понуден против Јанакиески е сведочењето на поранешниот советник и претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, Томислав Лазаров, кој ја призна вината и ја издржа изречената казна. Но, Лазаров од една страна вели дека Јанакиески го поттикнал да го прави тоа што го правел и дека тој бил член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и партиски координатор за Општина Центар. Но, за да се утврди со кого точно се консултирал, ако воопшто се координирал, обвинителството и судот не дозволија да сведочат Божиновски, Ивица Коневски и Мартин Протугер.

Судот не го прифати за сведок ниту владиката Агатангел кој тогаш повикуваше на протести. Организитор пак на протестите беше невладината „Веритас“.Судот сметаше дека не е потребно бидејќи тоа било само параван.

Во своите завршни зборови обвинителката Фетаи правеше разлика меѓу протестите од т.н. „Шарена револуција“ и тие пред Општина Центар. Со нејзините политички перцепции може да настапува на ТВ-дебати или во Парламентот. Но, не и во судницата. Зашто, нејзината порака дека ако ваквите настани се превенирале со судски одлуки, тогаш немало да дојде до собраниските настани од 27 април, има елементарни недостатови.

Прво, затоа што сегашните завршни зборови доаѓаат со тригодишно задоцнување. И второ, заборава дека токму за настаните од 27 април Собранието донесе акт за аболиција како чекор за национално помирување. Занемарувањето на овој факт, пак, покажува дека за Фетаи тој нема суштинско значење, туку дека имал еднократна употреба за спроведување на уставните промени, со цел промена на името на државата. Нешто за што, исто така, во судница беше изнесено и самата била користена и употребувана.

Некако во средина останаа протестите пред Советот на Град Скопје, што се одржуваа во време кога се менуваа имињата на некои скопски улици. Тогаш, значи за време на „режимот“ на Груевски, истото обвинителство што сега го претставуваат и Фетаи и Бубевски ги повлече обвиненијата покренати против дел од учесниците. Според логиката на Фетаи, пораката за недозволено насилство требало да биде испратена уште тогаш, а не сега. Сега се се сведува на политичка одмазда за чукање по еркондишн или за фрлање јајца.