Имаме високи надежи дека конечно ќе почнат преговорите на Европската Унија со Албанија и Македонија и тоа уште во текот на француското претседателство со ЕУ, изјави денеска евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир на конференцијата „Бугарски гласови за Европа“, што се одржа во Националниот прес-клуб на БТА во Скопје.
Гир пред учесниците во конференцијата, која е дел од дебатите на Конференцијата за иднината на Европа, нагласи дека институциите на ЕУ се цврсто посветени на унапредување на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан и истакна дека исклучително ги ценат напорите што ги направиле сите страни за придвижување на овој процес.
– Успехот е во интерес и на оваа земја, на Албанија, а секако и на поширокиот регион и на самата ЕУ, нагласи Гир.
Говорејќи за Конференцијата за иднината на Европа, Гир напомена дека во неа се вклучени и граѓаните во Северна Македоија. Потсети дека делегацијата на ЕУ организирала шест дебати на оваа тема, со фокус на младите луѓе.
– Западен Балкан е Европа, Западен Балкан природно и припаѓа на Европа и уверени сме дека во наш заеднички интерес е да го продолжиме процесот на проширување без натамошни одложувања. Тоа не е само геостратешки приоритет за партнерите во регионот, туку и наш приоритет не само поради војната, туку и поради притисокот кој го гледате во контекст на таа војна и поради долгите историски социјални и економски врски кои не поврзуваат, нагласи евроамбасадорот.
Comments are closed for this post.