Високиот претставник за надворешната политика на ЕУ, Јосеп Борел, во Косово денеска ќе го инаугурира новиот европски проект за термоелектраната “Косово Б“ за борба против загадувањето на воздухот, соопшти Европската Комисија.
Одвоени се 76,4 милиони евра преку претпристапните фондови на ЕУ (ИПА) за да се обезбедат филтри за термоелектраната “Косово Б“. Со овој проект се очекува значително намалување на штетните емисии и усогласување со стандардите на ЕУ.
-Загадувањето на воздухот е еден од најголемите проблеми на животната средина на западниот Балкан, вклучително и Косово. Со оваа инвестиција ЕУ дава конкретен придонес за подобрување на животната средина на Косово како и на здравјето и благосостојбата на граѓаните. Европскиот зелен пакт е за сите нас во Европа, вклучително и Косово, се огласи Борел преку писмена изјава и ги повика косовските власти да ги усогласат своите политики со европските климатски амбиции.
Европскиот зелен пакт е најголемиот приоритет на Европската Комисија во новиот мандат. Целта е да се намалат штетните емисии на гасови и да се подобрат стандардите за животната средина преку подобрување на енергетска ефикасност и употребата на обновливите ресурси.
Термоелектраната Косово Б значително ги надминува дозволените прагови на штетни емисии на ЕУ. Со новите филтри се очекува да се намали емисијата на прашина за 35 пати, а емисиите на нитроген оксид – четири пати, и со тоа да се исполнат стандардите на ЕУ
Comments are closed for this post.