Министерот за животна средина, Насер Нуредини, на видео состанок со генералниот директор за климатски прашања во Европската Комисија (ЕК), Мауро Петричионе, добил охрабрување за повеќе климатски амбиции.

Од одделот за климатски прашања на ЕК за МИА соопштуваат дека Нуредини и Петричионе разговарале за состојбата со климатските полити во ЕУ и во Македонија. Европскиот соговорник го информирал македонскиот министер за главните предизвици и амбиции на ЕУ, односно постигнувањето на климатска неутралност до 2050 година и намалување на штетните емисии за 55 отсто до 2030 година.

Директорот го нагласи меѓународниот момент и фактот дека многу од големите загадувачи го следат водството на ЕУ – велат од кабинетот на Петричионе.

Што се однесува до Македонија, министерот Нуредини го информирал Петричионе за планираните инвестиции за зголемување на употребата на обновливи енергии и нагласил дека се финализира климатскиот закон во земјата, како и долгорочната климатска стратегија.

Со враќањето на САД во Парискиот договор и обновениот ентузијазам за борба против климатските промени, Брисел препорачал и Македонија да му се приклучи на овој бран и да ја искористи политичката атмосфера за дополнителни климатски цели.

Комисијата смета дека многу земји ќе ги подобрат своите заложби во рамките на Парискиот договор оваа година и важно да се биде дел од нив. Европската Комисија понуди да ја продолжи оваа дискусија со колегите од Македонија на овие теми – посочуваат од кабинетот на Петричионе.