На денешното рочиште на повторното судење за петкратното убиство кај Смилковското езеро во 2012 година се слушаа 25 „бомби“, во чија содржина во глобала немаше ништо суштински, освен во една-две. Предметот го презеде СЈО од ОЈO, откако претходно Врховниот суд ги укина пресудите.

Преку најсодржинските снимки можеше да се дознае дека ексминистерот за правда, Блерим Беџети, одбивал да ја потпише екстрадицијата за двајцата обвинети во „Монструм”, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири. Во едноиполминутниот разговор меѓу Љупчо Тодоровски-Радникот и Сашо Мијалков, Тодоровски вели: „Како да му напраиме притисок на овој?”. А, во продолжение Мијалков го прашува: “Јавно кажал или не?”

Тодоровски вели дека Билјана Бришковска Бошкоски му ги дала документите за екстрадиција, но тој уште не потпишувал. Мијалков на тоа вели дека ако тоа е така, тогаш тоа е злоупотреба на функцијата.

Во друг телефонски разговор од 2013 година, Блерим Беџети на телефонски повик ѝ одговара на Јанкулоска дека барањето за екстрадиција ќе го пушти следниот ден до властите во Приштина. Јанкулоска му вели дека притисокот на јавноста е огромен и дека новинарите секој ден се интересираат за случајот.

Јанкулоска дополнително на Беџети му вели: „Сега најдругарски збориме, може вие калкулирате и за изборите”, а Беџети ѝ одговара дека е добро пред изборите да нема судско рочиште за предметот, а тој ќе го пушти барањето за екстрадиција.

Пред да го пуштиме за Приштина, некако да се презакаже”, ѝ кажува Беџети на Јанкулоска.

Во останатите разговори Јанкулоска разговара со министерот за внатрешни работи на Косово, Бајрам Беџети да му заблагодари што ги пронашле лицата кои се обвинети за „Монструм”.

Следните рочишта за „Монструм” се закажни за 4 и 10 октомври. Треба да се изведат како докази над 130 илјади смс пораки, транскрипти за кои нема разговори, пи мерки и сл. На судењето беа присутни и роднините на убиените момчиња, кои очекуваат правдата да биде задоволена.

Петкратното убиство се случи на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата и ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.