Неизвесно е дали и каков епилог ќе има скандалот со тендерот за Македонска навигација (М-НАВ) за набавка на опрема за управување со сообраќајот (АТМ) по објавениот разговор меѓу генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и уште неколкумина други актери. Она што е познато е дека Рашковски не си поднесува оставка.

По објавеното аудио и транскриптот од тој состанок опозцијата побара оставка од Рашковски, а вчера на прес-конференција генералниот секретар на Владата го врати ударот и најави кривични пријави за еден од клучните актери во скандалот – Климент Чепуњовски, кој наводно ги снимал недозволено разговорот, и тужби против новинари, политичари и портали. Во тој објавен разговор се слуша како Рашковски, вели дека фирмата „Леонардо ќе победи“.  Јавноста го поставува прашањето дали таа фирма била намерно фаворизирана. Рашковски вчера неколкупати избегнуваше да даде одговор на ова прашање.

Пресинг ТВ вчера се обрати до уште еден актер во приказната – Европската банка за обнова и развој (ЕБОР или ЕБРД) која го финансира тендерот за набавка на неопходната опрема во износ од 7,8 милиони евра.

„Драги претставници на ЕБРД во Скопје, Пресинг ТВ ве замолува за коментар во врска со последните медеиумски написи за Драги Рашковски, генералниот секретар на Владата и неговото наводно вмешување во јавната набавка за М-НАВ. Дали имало и претставник на ЕБРД на тој состанок? Дали е побарана внатрешна истрага во ЕБРД за овој случај“?

Одговорот од ЕБРД е „за официјална употреба“ и тој е краток:„Без коментар“ (No comment”).

Секако, за новинарите и за дипломатите пред се, тоа „без коментар“ всушност е коментар. Основното толкување на оваа фраза кога новинар ќе постави прашање е дека на тој што му е поставено прашањето, во случајот ЕБРД, одбива да одговори затоа што смета дека ситуацијата е чувствителна. Тоа е така според дефиниција и според некој западна традиција.

А, ова е важно и од друг аспект. Имено, Рашковски вчера на прес-конференцијата тврдеше дека постапката за набака на опремата „е спроведена според процедури на ЕБРД“, значи по англосаксонското право, а не според домашниот закон за јавни набавки.

Другото читање на фразата „без коментар“, повторно според праксатата, е дека ЕБРД не сака да одговори затоа што не сака, или затоа што во моментов нема што да каже.

Тоа би можело да значи дека овој скандал е оставен да се решава на домашен терен, односно да се чека да се види како тој понатаму ќе се развива. Сепак, во игра има уште најмалку двајца директни играчи кои би можеле да се појават и да кажат нешто во врска со тендерот, а тоа се фирмите кои биле откачени – Индра и Талес, од Шпанији од Франција, значи од земји-членки на Европската унија.

Она што е интересно е дека тендерот кој го добива италијанската фирма „Леонардо“ го нема на официјалниот сајт на ЕБОР.

 

Што се однесува, пак, до самиот проект за набавка на АТМ опремата, односно изградбата на новата контролна кула на аеродромот, целиот проект е во почетна фаза, односно се бара најпогодната локација. Како најпогодна се смета земја која во моментов е под концесија на ТАВ.

Додека, на победникот на тендерот, на италијански „Леонардо“, според Рашковски, до сега му се исплатени само 10 проценти од средствата.