Во Кривичниот суд во Скопје во рамки на судењето за случувањата во Собранието на 27 април 2017 година, завршни зборови дадоа обинетите Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Игор Дурловски, Младен Додевски и Јане Ченто, кои се товарат за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.

Пепиќ, меѓу другото, истакна дека не е дел од никакво терористичко здружение, туку во Собранието бил службено како разузнавач.

Не сум нападнал никого. И на снимките се гледа дека не сум нападнал ниеден пратеник. Се повлеков тогаш кога проценив дека ја завршив работата, рече Пепиќ, додавајќи дека ја информирал Агенцијата за разузнавање за случувањата во Собранието и активно помагал во извлекувањето на пратениците.

Обвинетиот Алими изјави дека на 27 април се што направил е со знаење на неговите надредени. Тој нагласи дека на Горан Ѓошевски-Леви му ги дал клучевите од вратите, бидејќи не знаел зошто ги бара и додаде дека тој дента бил единствен во Собранието, кој им помагал на сите.

Игор Дурловски изјави дека верувал и се уште верува во каузата и дека се плашел за иднината на неговата земја и се уште се плаши. Додаде дека се плаши оти државата му ја украла татковината, но порача дека за неговите ставови не може да го осудат.

Можете како луѓе да се согласувате или не со мене, може да ви се гадам поради тоа, но не можете да ме осудите за тоа, бидејќи вие сте судии. Во моментов кога ја носите одлуката, државата ни е поделена на наши и ваши, но судот ја има задачата да испрати порака дека тука сме сите исти без разлика на ставовите, порача Дурловски.

Тој потенцираше дека обвинителството го товари за две работи – дека држел потпалувачки говори и дека се коцкал со државните интереси за некоја материјална корист.

Кога ќе ја носите одлуката, запрашајте се кој е тој потпалувачки говор? Со кои зборови сум повикувал на рушење на уставниот поредок? На 27 април ја пеев химната на Република Македонија и заминав на ракометна утакмица со мојот син. Кога се влегуваше во Собранието јас бев пред спортската сала. Кога видов што се случува се вратив кај Собранието. Бев таму, но не држев говор. Ако само за присуство во Собрание сметате дека сум виновен, осудете ме – рече Дурловски.

Тој го оспори и сведочењето на Курто Дудуш кој кажа дека мисли оти го видел Дурловски пред прес салата и им рекол на демонстрантите дека тој не е од нивните. Го побиваше и тврдењето дека се коцкал со државните интереси за некоја материјална корист.

Дури и да сум најнеморалната личност, која протестира за пари, дури и да сум измамувал луѓе да протестираат, кога ќе ја носите одлуката ве молам запрашајте се дали постои било каков доказ за тоа? Дали постои доказ дека сум знаел за тоа што ќе се случува на 27 април? Нема да најдете, рече тој, додавајќи дека не побарал амнестија поради тоа што обвинителството нема докази за него, а не затоа што е смел.

Дали има поголемо насилство од отворање врата на разгневена толпа народ, праша обвинетиот за насилство Јане Ченто, алудирајќи на амнестијата која опфати речиси половина од обвинетите за 27 април. Ченто меѓу другото информира дека го формирал патриотското здружение со цел да се организираат панихиди за борците за Македонија.

Од МВР и ОЈО ми беше понудено да бидам заштитен сведок за да не бидам гонет кривично. Тоа нема никогаш да го направам. Бевме сведоци како дел од обвинетите и децата ќе си ги продадат за да бидат ослободени, рече Ченто.