Значи, ако овие од актуелното раководство на ДУИ не постоеја, тогаш ќе требаше да се измислат! Зашто, нивното денешно партиско соопштение во кое ја обвинуваат најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ како „фабрика за лажни вести и пропаганда која наликува на Гебелсовата„ само покажува какви политички и историски дунстери се и како една политичка партија се губи во својата ионака непостоечка идеолошка матрица.

-ВМРО-ДПМНЕ веќе прерасна во фабрика за лажни вести и пропаганда која наликува на Гебелсовата, односно тие креираат непостоечки прашања и ги повторуваат сè додека и самите не почнат да им веруваат, напишаа од Демократската унија за интеграција.

И уште додадоа дека „лажните вести“ на ВМРО-ДПМНЕ биле за „албанскиот јазик, за мигрантите, за Преспанскиот договор, за бугаризацијата, за инфлацијата, за Коридорот 8, за енергетската криза, за пандемијата, за Данела Арсовска, за наводна корупција, како и многу други теми“.

Патем, чисто дневно-политички, интегративците велат дека покрај „лажните вести“, „ВМРО-ДПМНЕ ги игнорира сите совети на и напори на меѓународната заедница и го блокира европскиот пат на С.Македонија, со што се обидуваат да ја изолираат земјата и да ја вратат заробената држава од времето кога владееле“.

Да чита човек и да не може да верува. Како истите тие Интегративци да не беа дел од власта на ВМРО-ДПМНЕ, како да не ги водеа ресорите за надворешни работи и за евроинтеграции во актуелната власт на СДС-„Народна“, како да не учествуваа во прифаќањето и потпишувањето и на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, и на т.н. француски предлог, без општо консензус со опозицијата, како нивната владејачка елита да не игра фудбал на мали голчиња во објект од „Скопје 2014“, како да не ја злоупотребуваат палатата „Борис Сарафов“, исто така од проектот „Скопје 2014“ за чисто партиски цели…

Но, ова и изборот на „темите“, што ДУИ ги наведува како „лажни вести“, се само едната страна од медалот. Другата ја претставуваат непобитни факти и историски, помалку или повеќе, познати настани, што на извесен начин се потврдени и со резолуција на Парламентарното собрание на Советот на Европа, со која фашизмот и комунизмот се изедначуваат како два чисто тоталитарни режими.

Па така, на пример, непобитен факт е дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, идеолошки припаѓал на групата албански марксисти-ленинисти и како таков бил цел на некогашната УДБ-а, а неодамнешната информација дека апаратчето за броење пари во неговата партиска канцеларија било снимено од Божидар Спасиќ, некогашен висок функционер на поранешната југословенска тајна полиција, меѓу редови остава простор и за сомневања дека бил и многу повеќе од тоа. Да не кажеме соработник!?

И тој ист марксист-ленинист Али Ахмети сега ни се продава за голем Американец и Европеец! А, неговите пулени од подмладокот, изнедрени од разно-разни политички подземја, ни држат лекции за лажни вести и Гебелсова пропаганда!

Ама притоа забораваат или, подобро речено, немаат поим за идеолошката блискост на некогашните марксисти-ленинисти со болшевизмот и комунизмот, уште помалку за блискоста на човекот чија пропаганда ја споменуваат, Јозеф Гебелс, со актуелниот руски претседател Владимир Путин. И прашање е дали со ова повеќе наликуваат на мали Гебелсчиња или на мали Путинчиња?! Зашто пропагандистите на нацизмот и на болшевизмот учеле едни од други, копирајќи ги своите „достигнувања“, и не попусто и едните и другите го добиле називот „инженери на човечките души“.

Еве, за да не лутаат многу, ќе им помогнеме малку. Нека го отворат сајтот Фактор.бг и нека го прочитаат текстот со наслов „Ученикот на Гебелс“. Не е стар, туку е објавен само пред неколку дена, пренесувајќи го текстот на Јуриј Векслер од Радио „Слобода“.

Ние ќе пренесеме само мали негови делови од кои може да се види поврзаноста на Путин со Гебелс.

„…Во февруари  2014 година беше разигран спектаклот со преземањето на Крим, а на 9 јули истата година Путин во Кремљ прими делегација од рабини од Израел, Германија, Франција и други држави, на кои на долго и на широко им раскажуваше за талентот на главниот пропагандист на нацизмот Јозеф Гебелс. За време на својот монолог за обидите за искривување на историјата, претседателот изнесе зборови, што за миг ги цитирааљ сите медиуми:
-Гебелс рекол: колку една лага е по неверојатна, толку побргу луѓето ќе и поверуваат. И тој успевал да го постигне своето, тој бил талентиран човек“…“.

Очигледно Путин пред делегацијата рабини го фалел Гебелс.

Но, еве и како размислувал Гебелс во времето кога постоела „голема предвоена љубов“ меѓу некогашниот СССР и нацистичка Германија:

„…А, во своите млади години Јозеф Гебелс, пак, е исполнет со возвишена љубов кон Русија, која под влијание на Достоевски ја нарекува „света земја“. Тој болшевизмот го сметал за привремена појава и во својот дневник пишувал:

„Откако ќе го надмине, Русија ќе го прифати патот на идеалниот социјализам, којшто ќе биде создаден од „новиот човек“. Тоа треба да се случи во тесна заедничка соработка со Германија, можеби во услови на воена конфронтација, но не за државата или власта, туку за „последната форма постоење“

„Од Исток доаѓа идејата за новата државност, за индивидуалната врска и одговорната дисциплина пред државата. Националната заедница е единствената можност за социјална еднаквост. Во Русија ќе никне решението на еврејското прашање, пишува Гебелс…“.

Затоа е добро малите Путинчиња и Гебелсчиња од ДУИ да престанат да бараат лажни вести и пропаганда на други места, кога и самите се нивни автори и практичари. Уште повеќе кога се автори и практичари и на системската и на институционалната корупција во државата.