Заради легитимитетот кој го има добиено на избори од граѓаните, ставовите на човекот кој е претседател на држава би требало да се сметаат за сериозни, вели пратеникот Драган Ковачки коментирајќи го вчерашното интервју за Фактор.мк на претседателот на државата Стево Пендаровски.
Во интерјуто Пендаровски вели дека бројката од 80 пратеници за усвојување на уставните измени не е недостижна.
Друга работа е што сите знаеме како тој го добил легитимитетот, односно кои концесии и ветувања морал да ги реализира за потребите на ДУИ и на остатоците-отпадоците на Сојузот на комунистите.
Како може да му се верува на човек кој додека беше носител на листа на она што Заев успеа да му го собере се на купче (од шарени, невладини, разочарани итн..) ветуваше и тврдеше дека-цитирам:
1. Нема шанси да дојде до промена на името на Македонија,
2. Во новата програма на Владата, името нема да биде воопшто приоритет,
3. Нема таков јунак кој ќе го смени името, затоа што народот душата ќе му ја земел на тој што тоа ќе го направи,
4. Не може да се смени името без државен консензус,
Истиот човек, г-динот Пендаровски, кога беше пратеник тврдеше дека – цитирам:
1. Резултатите од референдумот за промена на името ќе бидат обврзувачки, не може да биде: ги прашавме граѓаните, ама не ни се допаѓа резулатот и ќе продолжиме,
2. Ако референдумот е неуспешен, процесот запира тука.
Истиот човек, кога стана Претседател изјави дека – цитирам:
1. Неспорна историска вистина е дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин,
2. Ние во Скопје, тука, немаме видено предлог за решавање на спорот со Бугарија,
3. Јас го работев предлогот, јас ги пишував формулациите,
4. Нема да ги потпишам законите за Бехтел-Енка,
5. Донесов одлука да ги потпишам законите познати во јавноста како Закони за Бехтел-Енка.
6. Процесот на Уставни измени не смее да биде како оној со Преспа и менувањето на името,
7. Нема да коментирам за Уставните измени додека не се договорат лидерите на партиите,
8. Бројката од 80 пратеници за промена на Устав, не е недостижна…
И така, има уште многу вакви и слични изјави за “цврстите” ставови на таткото на нацијата, кој ги навреди дури и војниците од 2001 година кога се откажа од нив нарекувајќи ги дека се неспособни (заборавајќи дека неспособноста и килавоста беше кај политичкото раководство од кое и тој беше дел – широка влада).
И сега, треба да му се верува на изјавите на Пендаровски кој тврдеше дека знаел дека војната во Украина ќе почне цели 3 месеци пред Русија да нападне, а не ја известил Владата за да истата се подготви за економските последици, или на човекот кој се сликаше со болното момче од цистична фиброза ветувајќи му лек и помош, а истото почина поради негрижа и незаинтересираност?
Дали некому му се важни изјавите на човекот кој сопствениот народ го нарече СТОКА и кој на јавна сцена кажа дека доколку не би бил претседател би се иселел од државата?
Г-не Пендаровски, доволно беше, доста со едни исти замајувања, те имало – те немало пратеници за промена на Устав.
Нема!
Вие и Вашите привремени и променливи ставови сте неважни како снег во јуни.
Македонија немала послаб Претседател. Вие не сте татко на нацијата (а имавте можност да бидете), Вие сте само слеп послушник на ДУИ и Ковачевски.
Толку многу го заглавивте возилото наречено Македонија во калта, што за излез од оваа ситуација ќе ни треба 4х4 влеча, туркање од позади и влечење од напред.
А за да може тоа возило воопшто да вклучи 4х4 влеча, треба ремонт на моторот.
Потребни се избори на кои ќе заминете и ќе Ве заборавиме Вас и Вашите антимакедонски и политики за поддршка на криминалот на ДУИ и остатоците-отпадоците на Сојузот на комунистите, пишува Ковачки.
Comments are closed for this post.