Директорот на ФЗО Ден Дончев тврди дека од нивна страна не било блокирано купувањето на домашната фирма Диамед од фирмата Диаверум од Шведска како како што обвини поранешната сопственичка на Диамед, Вера Ивановска. Таа за овој случај поднесе кривични пријави против Дончев и министерот Венко Филипче.

Тој негираше дека правеле пречки во продажбата туку посочи оти ја предупредиле шведската фирма „Диаверум“ кога оттаму дошле на средба во ФЗО и во Министерството за здравство. Тие првично се повлекле, а потоа рече во октомври 2018 странските инвеститори ги известиле дека сепак, имаат намера да ја купат македонската фирма.

По ова тие писмено и вербално им пишале на Швеѓаните дека во нормални околности државата не би се мешала, но оти во случајот со фирмата што сакаат странците да ја купат има сомнежи за криминално наместен тендер и злоупотреба на службената положба од лица од врвот на претходната власт, оти постојат сомнежи за вистинските сопственици итн.

Не било вршено никакво влијание како што тврди Ивановска. Ние само ја предупредивме шведската фирма дека имаме намера да ги испитуваме околностите под кои Диамед ја добила концесијата. Доколку се утврди криминал може да се одрази и на работата на Диаверум доколку реши да ја купи Диамед, а се докаже дека имало злоупотреба на службената должност при доделувањето на концесијата. Сепак вработен во Диамед беше кумот на Никола Груевски, Ристо Новачевски на чија сметка легнале милиони денари. Диаверум си одлучуваат самостојно, но ние ги предупредуваме дека е можно одземање на концесија – вели Дончев.

Но, сепак, продажбата се реализирала и Централниот регистар уредно прави промена во сопственичката структура.

Дончев ја објаснуваше и историјата на македонската фирма „Димед“ која, според него, со договорот со Министерството за здравство за центрите за дијализа добила 20-годишен монопол. Тој нагласи дека здравствениот бизнис со дијализата бил доделен на фирми („Диамед“ која е фирма ќерка на „Метрополитен“) кои имаат минимално искуство и бизниси, а изрази сомнеж и за вмешаност на Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Никола Груевски.

Тој рече дека имале две средби со претставници на Диаверум и испратени се две писма.

Дончев објасни и дека за добивањето на концесијата на ексклузивни 20 години истрага води Јавното обвинителство. Диамед од 2014 година до сега од ФЗО има добиено 169 милиони евра.