Доколку некогашниот министер за внатрешни работи и лидер на Обединетите за Македонија која е дел од сегашната владејачка коалиција, Љубе Бошкоски, не се дал во бегство, не ги фрлил 100-те илјади евра сакајќи да се ослободи од доказот на кривичното дело и не пружал отпор, немало да дојде до употреба на минимална сила пропишана во правилниците за работа при такви ситуации, рече во средата адвокатот Љупчо Шврговски во завршни зборови на одбраната во случајот „Тортура, кои ќе продолжат на 31-ви мај.
Во овој кривично правен настан за кој е обвинет Сашо Мијалков, застапникот на обвинението не само што не презентираше доказ, туку нема наведено ниту една индиција дека Сашо Мијалков ги поттикнал преостанатите на извршување на кривичното дело кое им се става на терет, рече адвокатот Љупчо Шврговски во своите завршни зборови на рочиштето за случајот „Тортура“ кој се однесува на апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година.
Поттикнувањето, образложи адвокатот, мора да се однесува на одредено лице и на одредено кривично дело.
„Поттикнувачот мора да го знае лицето кое го наведува на извршување на кривичното дело. Поттикнувачот мора да биде свесен дека друго лице наведува на извршување на кривично дело, истиот мора да биде свесен и за самото дело на кое поттикнува друго лице“, рече Шврговски.
До ваквиот заклучок одбраната дошла по извршената анализа на одбраните на обвинетите кои на прашање на судот дали помеѓу нив и Сашо Мијалков бил реализиран било каков телефонски или друг вид контакт пред и после настанот, и дали лично го познавале Сашо Мијалков, децидно одговорија дека ниту лично го познавале, ниту било кога имале остварено било каков вид на контакт со Сашо Мијалков.
„Доколку Сашо Мијалков остварил било каков телефонски контакт со обвинетите таквиот контакт ќе бил евидентиран кај телефонските оператори, и врз основа на испис од телефонски контакт лесно и недвосмислено ќе се утврдело дека таков контакт бил и реализиран. Свесен за овој факт, дека таков доказ нема, бидејќи таков настан не се ни случил, јавниот обвинител го темели своето обвинение на голи претпоставки. Впрочен ваквиот став на одбраната го потврди и самиот јавен обвинител во неговиот завршен збор каде наведе дека не постои директен доказ дека Сашо Мијалков на било кој начин ги поттикнил, односно навел преостанатите обвинети на извршување на кривичното дело што им се става на товар“, рече Шврговски.
Аудио снимките на кои се повикува јавниот обвинител како индиректни-подржувачки докази, според Шврговски, не заслужуваат посебен коментар.
– Од истите може да се утврди дека разговорите кои се водени се изразување на сатисфација, како резултат на успешно спроведена акција на МВР во која на дело е фатен Љубе Бошковски во вршење на кривично дело, за кое истиот во три последователни наврати зел 10.000 евра, 20.000 евра и на крај 100.000 евра за како што наведува и самиот во посебните истражни мерки. Па во тој контекст се и разговорите што се водени, а кои преставуваат само израз на сатисфакција, бидејќи инфлагранти е фатен бивш министер за внатрешни работи и лидер на политичка партија од страна на службите на МВР во извршување на кривично дело. Дека е тоа така покажуваат и самите видео снимки од кои што се гледа дека чинот на лишување од слобода на земја не трае повеќе од една минута, а не како што се наведува во аудио снимките дека тој лежел повеќе од половина час. Толку за кредибилноста на аудио снимките на кои се повикува јавниот обвинител – рече Шврговски во завршните зборови.
Токму наводниот триумфализам кај Сашо Мијалков на кој се повикува јавниот обвинител, додаде одбраната, произлегува од горенаведената сатисфакција за успешно спроведената акција на МВР, а не како што сака да прикаже ОЈО на УБК, која е дел од МВР.
„Дали Сашо Мијалков на било каков начин придонел за реакцијата на ОВЛС „Алфи“? Не, напротив, самиот Љубе Бошкоски ја испровоцирал реакцијата на алфите бидејќи истиот се дал во бегство и пружал активен-пасивен отпор при обидот да биде лишен од слобода. Доколку Бошковски не се дал во бегство, не ги фрлил 100-те илјади евра сакајки да се ослободи од доказот на кривичното дело и не пружал отпор, немало да дојде до употреба на минимална сила пропишана во правилниците за работа при такви ситуации, со што се потврдува фактот и вистината дека никој однапред не им наложил на полициските службеници да употребат сила, што впрочем и самите го потврдија во своите одговори на прашања поставени од судот. Токму фактот што Бошковски во таа полициска акција бил фатен во довршување на кривичното дело за кое што е подоцна и осуден, и срамот кој што го доживеал наспроти лажниот морал кој го пропагирал, го мотивирало во истражната а подоцна и во судска постапка по овој предмет да изнесува лажни сведоштва полни со измислици и невистини за постапувањето на полицијата на критичниот ден, со цел да се рехабилитира самиот себе си представувајќи се како жртва во овој кривичен предмет “, додаде Шврговски во својата анализа на доказите кои, како што најави на почетокот, ги подели во две групи.
Првата група на докази се однесува на наводната последица олицетворена во тешко телесно или душевно страдање што настапило кај Љубе Бошковски како битен елемент на кривичното дело, а втората група на докази се однесува на дејствијата на извршување што им се ставаат на терет на обвинетите.
Comments are closed for this post.