Прашањата поврзани со националното самоопределување се прашања на свеста и не би можело да бидат вклучени во договор и не се вклучени, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во интервју за првата програма на грчкото државно радио во однос на последните препукувања меѓу владата и опозициската Нова демократија за тоа дали Договорот од Преспа признава или не македонска националност, јави дописничката на МИА од Атина.

Прашањата што се однесуваат на националното самоопределување се прашања на свеста, не би можело да бидат во договор и не се. Договорот исклучиво се однесува на државјанството, односно на правната врска меѓу граѓанинот и државата, објасни Катругалос.

Јоргос Катругалос и Мајк Помпео

Во однос на соопштението од Нова демократија, во кое, како што претходно објави МИА, ги повикаа сите оние кои имаат и најмал сомнеж дека „Договорот од Преспа го зајакнува скопскиот иредентизам, да ја погледнат преамбулата и членот 36 во кој се споменува дури и ‘македонска држава’, Катругалос објасни дека „членот 36 се однесува на минатото, на историјата на земјата“ и во тој дел не може да се стави Северна Македонија“.

Тој додаде и дека никогаш ниту една грчка партија ниту пак за време на преговорите не била спомената промена на овој член.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија рече дека кога „другата страна целосно ќе ги исполни нејзините обврски, а тоа ќе се покаже со завршувањето на уставната ревизија“, тогаш Грција ќе продолжи кон ратификација на договорот.

Како што се развиваат работите се чини дека нашите соседи сакаат да ги задржат ветувањата, но секако ова ќе го видиме на крај, коментираше Катругалос.

Тој уште еднаш го повтори неговиот став дека нема никаков сомнеж дека ќе постои потребно парламентарно мнозинство за Договорот од Преспа да биде ратификуван во грчкиот Парламент.

Сигурен сум дека ќе постои парламентарно мнозинство, токму затоа што овој договор е заемно корисен за двете држави и за нашата земја и за стабилизацијата на поширокиот регион, истакна алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, во интервјуто за грчкото радио.