Продолжуваат провокациите од Бугарија по забраната на Македонскиот клуб. Советот на  Општина Благоевград смета дека отворањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во овој град е провокација.

– Категорично се спротивставуваме на антибугарската провокација за отворањето на т.н. Македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ на територијата на Општина Благоевград, се наведува во Декларацијата, во која се додава дека „македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната“.

Оттаму велат дека „Никола Јонков Вапцаров е „бугарски поет“, и оти формирањето на центар со неговото име во нивниот град претставува „груба провокација од нелегитимни организации“.

– Сметаме дека сите дејствија за создавање на организација во која група луѓе се самоопределуваат како „малцинство“ во рамките на нашата национална држава се грубо кршење на Уставот и законите во Република Бугарија. Исто така, сметаме дека со ваквите провокативни дејствија грубо е прекршен Договорот за добрососедство и погазени се сите досегашни напори за подобрување на нашите односи со Република Македонија и е попречен нејзиниот пат кон европска интеграција и членство во Европската унија, се наведува во Декларацијата.

Инаку основач на клубот „Никола Вапцаров“ е Друштвото за заштита на основните човекови права, кое е легално регистрирано во Бугарија.

Кој е Никола Вапцаров

Никола Јонков Вапцаров е македонски писател роден во Банско.Тој самиот и во животот и преку својата поезија изјавувал дека е Македонец, и покрај тоа што создавал на бугарски јазик.


Како соработник на воената организација на Бугарската комунистичка партија, на 4 март 1942 година, Вапцаров бил уапсен и стрелан неколку месеци подоцна во една софиска касарна.