Прославата на 2 Август, Денот на републиката, во Македонија, донесе дисонантни реакции од Софија, наспроти „францускиот предлог“, што наводно треба да ги смири страстите. Што е поважно, разликите се забележуваат и во содржините на честитките на официјалните институции, иако во медиумите се прави обид за извесно „кроење“ главно во насловите, но и во реакциите на поединци од бугарската политичка елита.
Во целина гледано, содржината на честитките и реакциите се движат од честитки за националниот празник, преку употребата на чисто бугарската формулација за Илинднско-преображенско востание, па до закани за последици од ЕУ, особено за настапот на претседателот Стево Пендаровски.
Во честитката на бугарското МНР преку социјалната мрежа Твитер, со која се пофали и нашето Министерство, Денот на републиката е именуван како национален празник.
-Искрени честитки до Република Северна Македонија и нејзините граѓани по повод нивниот национален празник – 2 август. Уверени сме дека и во иднина ќе продолжиме со добра волја и политичка храброст да работиме за развој на добрососедските односи, стоеше во честитката.
Во поздравното писмо, пак, на бугарскиот претседател Румен Радев до својот колега Стево Пендаровски, стои сосема друга формулација.
-Одбележувањето на Илинденско-преображенското востание во 1903 година зазема важно место во нашата заедничка историја и е само еден од примерите за богатото културно и историско наследство, што ги поврзува тесно нашите две држави и нивните граѓани.
Во соопштението од кабинетот на Радев уште се посочува дека заедничката историја на Македонија и Бугарија треба да се претвори во реален фактор за зближување меѓу двете земји и оти државниците од двете страни треба да го дадат својот придонес за тоа.
Но, нашите медиуми во своите наслови го потенцираат само Илинден, а не употребениот термин Илинденско-преображенско востание.
Бугарскиот европратеник од редовите на ЕНП Андреј Ковачев преку социјалната мрежа Facebook реагираше на говорот на претседателот на РС Македонија Стево Пендаровски и го определи како еклатантен пример за „несовесно газење на договорот со протоколите кон него и преговарачката рамка“. Ковачев додаде дека ваквото однесување нема да остане без последици за РС Македонија.
Слично е и со индивидуалните ракции. Додека Илхан Ќучук, специјалниот известувач за Македонија и европратеник, е крајно коректен и умерен, неговиот колега од ГЕРБ и исто така европратеник, Андреј Ковачев, се заканува со последици!
-Минатото е патоказ за европската иднина на новите генерации! Честит и вековит Илинден!, напиша Ќучук на Твитер.
Ковачев, пак, го обвини претседателот Пендаровски дека „ги следи стапките на Путин и Вучиќ“!
-Денеска не сакав да реагирам негативно. Не сакав, на денот на нашиот заеднички празник, со кој Бугарија и Северна Македонија ја слават годишнината од нашето себугарско Илинденско-Преображенско востание, повторно да се занимавам со бесмислени етикети и непотребни провокации.
Претседателот Пендаровски по којзнае кој пат се докажува како достоен конкурент на опозициските лидери Мицковски и Апасиев во најпопуларниот натпревар во Скопје наречен „Бугарофобија“. Очигледно за него немаат никакво значење европските вредности, пријателството, добрососедството и обврските. Токму на денешен ден, на Илинден, од српскиот манастир „Прохор Пчински“ во Србија, Пендаровски реши повторно да проговори за бугарската окупација, за профашистичката власт во Софија, за Ваташа, за депортацијата на Евреите. Главното за Пендаровски е да не преговара со никого (алудирајќи на Бугарија) за „обновување на империјалистичките концепти од минатите векови“. Додавајќи дека „историската вистина“ – како што тој ја разбира, наследена од времето на Титова Југославија и исполнета со фалсификати и омраза против Бугарите, нема да биде сменета со „никаков протокол и никаков договор“, тој јасно ни кажува да си ја гледаме работата.
И ние ќе си ја гледаме, а таквите еклатантни примери на несовесно газење на договорот со протоколите кон него и преговарачката рамка нема да останат без последици за РСМ.
Пендаровски ги следи стапките на Путин и Вучиќ со аргументите за „фашизам“ и „нацизам“, напиша Ковачев.
Comments are closed for this post.