Директорот на Институтот за судска медицина Александар Станков во изјава за МИА вели дека на местото на автобуската несреќа во Бугарија се пронајдени 44 тела и остатоци од тела, коишто ќе се поврзат со ДНК анализата.

Додека не заврши ДНК анализата не може да се утврди точниот број на настрадани лица. Направени се 44 обдукции, но увидени се и остатоци од тела коишто ќе се поврзат со ДНК анализата. Треба да почекаме да се испитаат овие остатоци и тогаш точно ќе видиме колку лица биле настрадани, изјави Станков за МИА.

Станков потврди дека кога ќе бидат готови извештаите од македонските лекари од судска медицина, кои овие денови беа во Софија, истите ќе бидат предадени на бугарските власти.

Претходно, портпаролката на главниот обвинител на Бугарија Сијка Милева, на прес-конференција со заменик-јавниот обвинител на Бугарија Борислав Сарафов изјави дека на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела.

Таа информира дека се сретнала со преживеаниот маж кој и раскажал како го скршил стаклото на автобусот и рекол дека спасил осум лица, а не седум.

Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот, истакна Милева.