Случајот со изнудувањето пари од македонски бизнисмени, наводната вмешаност на обвинители и високи политички функционери е една од главните причини за недобивање на датум за старт на преговорите со ЕУ, откриваат дипломатски извори за Пресинг ТВ. Брисел уште пред неколку месеци бил информиран за рекетот кој се прави во Македонија, а како што дознаваме ваквата информација дотаму стигнала од една соседна држава членка на ЕУ. Песимизам постои кај дипломатските извори и за добивање на датум во октомври.
Според информациите кои кружат во јавноста Орце Камчев е бизнисменот кој наводно го пријавил сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски, дека му зел рекет. Одредени медиуми пак објавија информација дека земјата чиј почесен конузул е Камчев помогнала да се открие рекетот извршен врз него и рекетарите, кои се инволвирани.
Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милески (Зоки Кичеец), се притворени поради рекет на бизнисмен, а специјалната обвинителка Катица Јанева си поднесе оставка.
Официјално Европската комисија нема коментар за последните случувања поврзани со новиот случај кој го отвори Обвинитлството за организиран криминал, а за кој постои сомневање и за вклученост на обвинител од Специјалното јавно обвинителство.
Пресинг ТВ ја праша Европската комисија кој е нивиот коментар за последните апсења во кои се споменува и специјалната обвинителка Катица Јанева.
ЕУ не коментира тековни истраги, одговорија оттаму.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски после притворите и оставката на Јанева, говорејќи за случајот „Рекет“ рече дека ако некој има дилеми зошто не сме добиле датум одговорот е затоа што имаме криминален октопод кој владее со државата и тргува со правдата.
Мицкоски побара на Јанева да ѝ биде одреден притвор, а Јавното обвинителство да се охрабри и чесно да ја води истрагата кон нарачателите на рекетот.
„Затоа треба веднаш оставки и веднаш предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.
Премиерот Зоран Заев пак е уверен дека земјата ќе добие датум во октомври за почеток на пристапните преговори со ЕУ како награда меѓу другото и за Преспанскиот договор. Доколку тоа не се случи, вели подготвен е да седне и да разговара со опозицијата за предвремени избори.
Comments are closed for this post.